На Универзитетот во Тетово денес е отворена Правна клиника, како важен дел за поддршка на правосудниот сектор во Македонија. Во неа, преку практична работа ќе се обучуваат студентите по Правни науки од кои треба да произлезат младите лидери, идни обвинител, судии, адвокати, борци за човекови права, односно место каде што ќе можат да го вградат своето образование, и да ја спојат теоретската обука со практичното искуство.
„Се соочуваме со многу тежок момент кога Русите продолжуваат со бруталната агресија во Украина. Ова е важен момент за демократијата. Демократиите ширум светот се здружија, а САД стојат заедно со Северна Македонија и со другите сојузници и партнери за да се борат за демократија и сé за што се залагаме. А основата на сето ова е владеењето на правото. Така, дури и ако ова да изгледа како мал настан, навистина е важен чекор затоа што претставува инвестиција во таков систем, систем што е одговор на потребите на луѓето, на вредностите на луѓето и сето она за што се борат“, изјави амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнз, која ја отвори правната клиника.
Правната клиника е финансирана од САД. Таа ќе овозможи во процесот на образование на идните правници да се повикуваат судии, јавни обвинители, адвокати, нотари, криминалистички експерти кои ќе ги споделуваат нивните знаења и практични вештини со студентите. Досега, студентите од Универзитетот беа повеќе насочени кон теоретскиот дел, а сега ќе можат своето знаење да го збогатат и со практична настава.
З. АНДОНОВ