ПАДНА ДЕСЕТМЕТАРСКО ДРВО ВО ОХРИД И СМАЧКА АВТОМОБИЛ, ЖИТЕЛИТЕ БАРААТ ОПШТИНАТА ДА ГО ПОДИГНЕ, „КOМУНАЛЕЦ“ ВЕЛИ ДЕКА ПРВО ТРЕБА ДА ПЛАТАТ

    ПАДНА ДЕСЕТМЕТАРСКО ДРВО ВО ОХРИД И СМАЧКА АВТОМОБИЛ, ЖИТЕЛИТЕ БАРААТ ОПШТИНАТА ДА ГО ПОДИГНЕ, „КOМУНАЛЕЦ“ ВЕЛИ ДЕКА ПРВО ТРЕБА ДА ПЛАТАТ„Дрвото падна на паркирано возило, за цела среќа немало пешаци бидејќи тоа е пешачка зона по која се движат станари на зграда со три влеза инаку ќе имаше и човечки жртви“, велат станарите.

    Невремето во Охрид откорна десетметарски бор кој целосно оштети автомобил паркиран во тревникот пред зградата во населбата Даљан. Жителите бараат Општината да го отстрани големото дрво кое е на земја веќе пет дена оти според нив се наоѓа на државно земјиште.

    „Дрвото падна на паркирано возило, за цела среќа немало пешаци бидејќи тоа е пешачка зона по која се движат станари на зграда со три влеза инаку ќе имаше и човечки жртви. Веднаш беше повикана пожарникарска служба за итно да се реагира но истата се прогласи за ненадлежна за тоа и си замина. Потоа веднаш беа повикани и претставници од Општина Охрид и од општинското претпријатие ‘Комуналец’ кои наместо итно да реагираат и да го отстранат паднатото масивно дрво кое ја има смачкано колата истите си заминаа без да дадат конкретен одговор дали ќе го отстранат дрвото или пак кога ќе го сторат тоа и покрај тоа што им беше посочено дека уште пред неколку години на сосема истава локација беше исто така паднат бор по што претставници од Општина Охрид ги обележаа и останатите борови како опасни и дека мора истите да се отстранат од нивна страна. Општина Охрид и после неколку години не ги отстрани боровите што и доведе до ваква нова повторна несреќа само што овој пат има настанато материјална штета, смачкана е кола, а цела среќа што нема и човечки жртви бидејќи кога падна борот беше денски кога има полна раздвиженост на станарите“, стои во реакцијата од граѓаните во населба Даљан.

    Жителите бараат Општината да го отстрани големото дрво кое е на земја веќе пет дена оти според нив се наоѓа на државно земјиште.

    Од ЈП „Охридски комуналец“ велат дека немаат обврска да го подигнат дрвото оти Комисијата за преземање мерки и активности за отстранување дрва на подрачјето на град Охрид уште во 2023 донела решение со кое ја задолжува Заедницата на сопственици на станови од зградата на ул. Сатеска да ги уреди крошните на дрвата кои се наоѓаат во дворното место на зградата во рок од шест месеци но до денес ништо не било преземено. Според нив обврската е на станарите.

    „Обврската за подигнување на дрвото како и самото одржување претходно е на Заедница на сопственици на станови од зграда на ул. Сатеска бр. 40, Охрид. Тоа го има утврдено Комисијата за преземање на мерки и активности за отстранување на дрва на подрачјето на Општина Охрид по барањето доставено од Заедницата на сопственици“, рече директорот Сашо Најдески.

    Извадок од д имотниот лист од парцелата каде е паднат борот од кој се гледа дека земјиштето е во сопственост на државата.

    Постапувајки по барањето, Комисијата за преземање мерки и активности за отстранување на дрва на подрачјето општина Охрид, формирана од Градоначалникот на општина Охрид констатирала дека во дворното место од зградата има две стебла од кедар ( Cedrus atlantica ), две стебла од смрча (Picea sp.), едно стебло од чемпрес аризонски (Cupressus arizonica ) и еднос стебло од орев (Juglans regia) кои заради својата висина и развиеност на крошната, при поголеми временски неприлики претставуваат опасност по материјалните добра и луѓето

    Од ЈП „Охридски комуналец“ велат дека дрвото ќе го отстранат но за тоа станарите ќе треба да платат 18. 800 денари според пресметката која веќе е доставена до фирмата за управување со згради „ДОМКО 2022 дооел“.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира