ПАЈАКОТ НЕ РАБОТИ, НО ВРАБОТЕНИТЕ НЕ ОСТАНАА БЕЗ РАБОТА ПА ФАРБААТ И КАНДЕЛАБРИ, КАЖАA НА ДЕБАТАТА ЗА БИТОЛСКИТЕ ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА

    ПАЈАКОТ НЕ РАБОТИ, НО ВРАБОТЕНИТЕ НЕ ОСТАНАА БЕЗ РАБОТА ПА ФАРБААТ И КАНДЕЛАБРИ, КАЖАA НА ДЕБАТАТА ЗА БИТОЛСКИТЕ ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈАОд панел-дускусијата со директорите на јавните претпријатија за подобрување на услугите во Битола. (Фото: СДК.МК)

    „Зошто пајак- службата не е во функција 5-6 месеци и дали по опис и попис на работно место на тие што управуваа со пајак- возилото е да фарбаат канделабри во Општина Битола“, праша совеникот од Понаку Никола Гагоски на панел-дускусијата во Битола со директорите на јавните претпријатија за подобрување на услугите.

    „Пајакот е старо возило, со чести дефекти и скапи поправки. Економски неодржливо беше да го поправаме. Наместо да инвестираме во нови возила, си играме со дотраените дури не сфатиме дека економски не влечат надолу и не го прекинеме тоа. За работниците, да можно е, тие се даватели на услуги и можат да ротираат по хоризонтала. Зошто да седат дома кога можат на нивните колеги да им помогнат и да создадат додадена вредност во друго одделение“, одговори Зоран Михајловски, директор на ЈП „Пазари-Битола“.

    На дискусијата директорите се пожалија дека работат со загуби бидејќи наследиле долгови од претходните раководства, неисплатени кредити, обврски, тужбени побарувања, а и цените на услугите не се коригирани со години.

    „Зависиме за цената од регулаторот, 35 денари е илјада литри чиста питка вода, а во ресторан едно шише вода е 150 денари“, рече Андреј Гиновски, директор на ЈП „Водовод“.

    Половина од десетте јавни претпријатија во Битола, според состојбите доставени до Советот, 2024 година ја завршија со негативни финансиски сметки, со загуба од 150 милиони денари (околу 2,4 милиони евра). Најголема загуба имаше „Водовод“ со над 61 милион денари (над 987.000 евра), на второ место „Комуналец“ со 59 милиони денари (955.000 евра), трета Нискоградба 21 милион денари (340.000 евра), па „Паркинзи“ со 3,2 милиони денари (52.000 евра) и на крај „Пазари“ со 2,8 милиони денари (45.000 евра).
    Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), меѓу јавните претпријатија со најголеми загуби во државата за 2024 година, на четврто место е битолски „Водовод“, а на петто „Комуналец“.

    „Што направиле претходните директори оставете во минатото или на надлежните институци, одете напред со планови и инвестиции“, рече експертот по финансии д-р Димитар Аневски.

    „Косилка, тракторче не се инвестиции. Ивестиции се системи за наводнување, капацитети, вистински капитални вложувања. Сѐ друго е тековно одржување. Она што се амортизира во рок од година-две не е инвестиција. Од овој момент застануваме со разубавување на работите и реално ги презентираме пред јавноста’’, рече Аневски.

    Соња Крапашовска, м-р по финансии и ревизија, експертка за буџетирање и внатрешна контрола, рече дека е загрижувачка состојбата во јавните претпријатија со големите загуби.

    „Мој предлог е земање заеднички служби за сите јавни претпријатија. Една за јавни набавки, друга за финансии, трета за делење сметки по корисници. Под итно да се направи функционална анализа на систематизациите која одамна не е направена кај сите. Имаме многу работни места кои не се функционални, сведоци сме на систематизации кои по потреба се прават. Оскуден број работници, многу службеници“, рече Карапашовска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира