Петнаесет месеци ништо не е преземено за оспособување на регионалниот пат Велес-Градско близу вливот на реката Тополка во Вардар. На 13 март лани падна карпа од ридот Цуцка, која го блокираше сообраќајот. Тој беше во прекин до 5 април, кога карпата беше отстранета, но патот на излезот од Велес остана оштетен. Тогаш надлежните ветија дека решавањето на проблемот ќе биде во две етапи, но беше само отстранета карпата. Така повеќе од една година, сообраќајот тука се одвива по една коловозна лента.
„Премногу долго се чека на санација на патот, но и на карпата од Цуцка. Секое проаѓање тука буди лоши чувства, што ако пак нешто се случи, ако пак се одрони карпа. Имаше доволно време да се изврши ветената санација“, велат велешани кои секојдневно минуваат тука до работното место.
Овој пат го користат и сите автобуси кои доаѓаат или заминуваат од Велес. И градоначалникот Аце Коцевски ги поддржува барањата на сограѓаните.
„Овој проблем служи за потсмев во јавноста. Моите информации се дека надлежното јавно претпријатие сака со еден тендер да го санира патот, но и карпите со изградба на потпорен ѕид“, рече Коцевски.
Бидејќи станува збор за регионален пат, тој е во надлежност на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Оттаму најавуваат дека санацијата е предвидена во планот за јавни набавки за оваа година.
„Во тек е постапка за изработка на техничка документација за санација на предметното свлечиште и за санација на патот. По добивањето на ревидираната техничка документација, ЈП за државни патишта ќе ја започне постапката за јавна набавка за избор на изведувач“, пишува во писмената информација на ЈПДП.
П. ПЕЧКОВ