Маловишта, единственото село во границите на Националниот парк Пелистер, е прогласено за заштитена рурална споменична целина, соопшти Викторија Момева-Алтипармаковска, етнолог конзерватор во НУ Завод и музеј Битола, по повод Денот на културното наследство што во фокусот ја имаше заштитата на руралниот предел.
„Ставена под заштита е руралната споменичка целина Маловиште која неодамна е прогласена за значајно културно наследство. Маловишта, единственото село во границите на Националниот парк Пелистер, освен историските, етнолошките, архитектонските вредности поседува и потенцијални економски вредности кои допрва треба да се развиваат. Руралниот предел треба да заземе значајно место во конзерваторската пракса“, рече Момева-Алтипармаковска.
Селото, на 18 километри од Битола, се простира на надморска височина од 1.200 метри. Изобилува со специфична архитектура, куќи градени во стилот на старите влашки мајстори, во тврда градба од камен и со делумна употреба на дрвени елементи. Ентериерите се збогатени со сергии и долапи, рафтови крај украсени огништа и дрвени таваници. Над селото е манастирот „Св. Ана“ од 18 век во висока борова шума, а централната црква „Св. Петка“ изградена во 1856 отскокнува со својата доминантност и величенственост. Во неа има и галерија со стотина врвно изработени икони, ремек-дела на стари македонски зографи, со хронолошки распон од 500 години.
Во битолскиот Завод и музеј поставена е изложбата на фотографии од друго село со специфична архитектура, Гостуша на Стара Планина близу Пирот во Србија. Изложата е на архитектот-конзерватор Елена Васиќ-Петровиќ во Ниш. Студијата за заштита на ова село е добитник на Гран при на Европската Унија.
Ж. ЗДРАВКОВСКА