Група волонтери и пријатели на ЕГ Зелена сила поставија 15 нови дрвени ориентационо-маркациски столбови на планинарската патека од селото Папрадиште кон врвот Даутица.
„Заедно со претходно поставените над 70 столбови, 30 патокази и маркации за ноќно движење кон селата Горна Белица и Нежилово, манастирот ‘Св. Ѓорѓи‘, планинарскиот дом ‘Чеплес‘ и врвот Даутица, Општина Чашка и Азот стануваат едни од најразвиените и најбезбедни планинарски реони на Балканот со модерна планинарска инфраструктура“, вели Игор Смилев од ЕГ Зелена сила.
Досега се обележани 20 километри со столбови и четири километри со маркации за ноќно движење од планинарската патека Папрадиште-Горна Белица меѓу општините Чашка и Македонски Брод. Обележувањето е целосно од сопствени средства на членовите на ЕГ Зелена сила, без донации, грантови и финансиска помош од локалната власт и државата.
Во следните недели ќе се постават уште десет модерни дрвени патокази, инфо-табла и 20 нови столбови до врвот Даутица.
П. ПЕЧКОВ