Пуштена во употреба е обновената пешачка патека од село Цапари до месноста Цапарска Пресека на Пелистер. Ова се случи по повод 14 декември, Денот на планината и 90-годишнината на Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“.
По патеката, која е повторно пробиена по 30 години запуштеност, денес беше организирана планинарска тура од Цапари, преку Палиснопје и Копанки, па сè до Инфо-центарот преку Историската патека. На неа учествуваа планинари од цела Македонија.
Патеката е пробиена, уредена и маркирана од Националниот парк Пелистер во соработка со Федерацијата за планинарство на Македонија и ПСК „Пелистер“.
Во првите 1,3 километри патеката води низ кањонот на Цапарска Река, по што следува нешто пострмен дел кој води низ вековна букова шума до месноста Горна Скала, на 1.200 метри надморска височина. Оттаму патеката влегува во длабока иглолисна, моликова и елова шума и серпентински се искачува до месноста Цапарска Пресека на надморска височина од 1.527 метри.
Од оваа локација турата, пешачејќи низ старата моликова шума, морени, водотеци и извори, стигна до планинарскиот дом „Копанки“ на надморска височина од 1.610 метри. Потоа, учесниците се упатија преку Историската патека до Инфо-центарот, каде што продолжи дружењето.
Вкупната должина на патеката која ја минаа планинарите изнесуваше 10 километри.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



