ПО ДВЕ НЕДЕЛИ ПАУЗА, ПРОДOЛЖИ НЕЛЕГАЛНАТА ИЗГРАДБА НА ЏАМИЈА НА ПОПОВА ШАПКА

    ПО ДВЕ НЕДЕЛИ ПАУЗА, ПРОДOЛЖИ НЕЛЕГАЛНАТА ИЗГРАДБА НА ЏАМИЈА НА ПОПОВА ШАПКА

    Нелегалната изградба на џамија на Попова Шапка, по двонеделен застoј, повторно продолжува. На самиот влез на викенд населбата на Попова Шапка, тешка механизација го расчитува и проширува теренот на кој треба да се изгради објектот. Лицата од градежната фирма „Баг-Коп“ од Мала Речица, како што пишуваше на еден од багерите, кои работеа на расчистувањето и уредувањето на теренот не сакаа да зборуваат кој ги ангажирал, ниту сакаа да кажат каков објект се гради.

    Дека станува збор за дивоградба потврдуваат од општинскиот инспекторат чии преставници, заедно со инспектори од Државниот градежен инспекторат, пред две недели излегоа на местото каде се вршеа градежните работи и изрекоа забрана за градба. Забраната се почитуваше се до вчера кога градежните работи повторно продолжија, иако во меѓувреме не е издадена никаква дозвола за градба. Денеска не успеавме да добиеме став во врска со продолжувањето на градбата, ниту од општинскиот инспекторат ниту од надлежните служби од општината.

    „Изречена е забрана за понатамошна градба, случајот ќе биде под надлежност на оптинскиот инспеторат а Државниот инспекторат ќе ја надгледува работата на општинскиот инспекторат“ ни беше соопштено пред две недели кога беше изречена забраната за градба.
    Иако засега никој официјално не кажува кој е нарачател на градбата, на три билборди поставени на патот кон Попова Шапка претставен е верски објект џамија на три спрата со големо минаре и придружни објекти. На билбордот стои дека инвеститор е Исламската верска заедница – Муфтиство Тетово, а дадени се и девизни и денарска сметка на кои можат да се донираат доброволни прилози.

    Од тетовското Муфтиство денеска не можевме да добиеме информација дали тие стојат зад изградбата на џамијата на Попова Шапка. Неодамна тетовскиот муфтија Ќани Несими за за локалната ТВ „Коха“ која емитува на албански јазик изјави: „Ние како Исламска верска заедница сме направиле проект за изградба на овој верски објект , поточно молбата на граѓаните преку допис и преку потписите кои се испратени до кај и нас и тој проект набргу ќе се реализира, за да имаме една џамија на Попова Шапка. Ние сега ги правиме првите чекори на овој проект. Во месец април ќе почнеме со изградба на џамијата, поточно имаме дозвола од Општина Тетово, но и од претходната влада за изградба на оваа џамија. Ние тој објект ќе го изградиме со помош на граѓаните и не гледаме никаков проблем. Исто така мислам дека нема да има некој конфликт или проблем дека на Попова Шапка веќе има изградено црква, па сега со изградбата џамијата нема да има проблем“, изјави муфтијата Несими.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира