Откако Владата вчера на седница го утврди и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, предложен од Министерството за финансии, во движењето „Анти коцкање“ во Тетово владее големо задоволство дека нивното седумгодишно ангажирање конечно дало некаков плод. Владата соопшти дека заради заштита на младата популација, со измените и дополнувањата на Законот се предлага деловните простории, односно уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат на оддалеченост не помалку од 500 метри од основни и средни училишта.
Со постојниот закон не е утврдена оддалеченоста на деловните простории во кои се приредуваат игрите на среќа од основни и средни училишта, односно не го утврдува ваквиот критериум. Измените на Законот треба да ги усвои Собранието.
Од „Анти коцкање“ велат дека ова е само почеток, нивната борба продолжува и понатаму, а крајната цел е овие објекти за игри на среќа да бидат дислоцирани на 3 километри од градот.
„Иако не е она што ние го баравме, но и ова засега е добро. Ние мислиме дека овој закон ќе ги расчисти сите спортски обложувалници и казина од сите градови од државата, а посебно во помалите градови. Иако се вели дека ова се игри на среќа, ние велиме дека тоа се игри на несреќа и затоа ова го сметаме за голем успех за нас. Со ова, одлуката да нема објекти за игри на среќа во радиус од 500 метри од училишта, градинки и други јавни објекти е добра за почеток. Ние како Движење за ова се боревме седум години. Сега бараме овој закон да се реализира и да се применува, а не само да остане на хартија. Ние ќе продолжиме со нашата борба за понатамошна дислокација на овие објекти на 3 километри надвор од градот“, изјави Јуши Емурлаи од Движењето „Анти коцкање“.
Од Владата велат дека исто така, меѓу целите на предложените измени се и потребата од зајакнување на доказите потребни за издавање на лиценци, како и прецизирање на тоа дека едно трговско друштво со една лиценца, приредува еден вид на игра на среќа. А се зголемуваат и надоместоците за издавање лиценци за игри на среќа.
Тетовскиот архитект Бошко Видоески направи графичка симулација како би изгледал градот ако стриктно се применува овој закон. Според него, казина и спортски обложувалници би можело да се отворат само во мали делови од градот.
„Но, добро е, две-три казина или обложувалници може да има во Ајдучко Маало, две кај горниот дел од гробиштата и две во мал дел Мала Речица. Нека се договорат помеѓу себе“, напиша Видоески на својот фејсбук профил.
Точниот број на казина и спортски обложувалници во Тетово никој не го знае. Само на булеварите Маршал Тито и Илинденска има над педесетина казина и едно четири-пет пати повеќе спортски обложувалници.
З. АНДОНОВ