Компанијата „Рапид“ што го гради гасоводниот интерконектор со Грција од Неготино до Гевгелија ќе ги санира дефектите на Хидросистемот „Ѓавато“ на бунарското подрачје. Таму дел од водата што се испумпува поради пукнати цевководи завршува во реката Вардар и многу малку вода стасува до потисните пумпи кои ја пренасочуваат кон Дојранското Езеро.
Во „Ѓавато“ денеска беше присутен премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека се детектирани сите места каде има пукнати цевки и овие дефекти ќе бидат санирани од општествено одговорна компанија. Санацијата се очекува да се случи наредните денови, со цел да се испорачува повеќе вода до резервоарите, од каде со други пумпи ќе биде пренасочувана кон езерото.
„Станува збор за две бунарски потопни пумпи. Капацитетот е 10, но другите 8 не работат. Овие две пумпи имаат капацитет 100 литри во секунда. Во периодот што следи планираме да оспособиме најмалку четири пумпи, а потоа уште дополнителни две, со што цениме дека ќе ги задоволиме потребите за во најскоро време Дојранското Езеро го добие изгледот кој го заслужува“, кажа Мицкоски.
То рече дека ќе се санираат и две потисни пумпи кои ја туркаат водата од резервоарот кон езерото. Целата постапка ќе ја работат екипи од РЕК „Битола“.
„На следната седница на Владата ќе донесеме одлука фабриката за опрема и делови во склоп на РЕК ‘Битола’ две од потисните пумпи да демонтира, да ги санира и повторно да ги врати и монтира. Добив инфрамација од инженерите дека за десет дена можат да ги завршат овие постапки“, кажа Мицкоски и додаде дека на просторот на бунарското подрачје се планира да се подигнат соларни панели кои ќе произведуваат струја за пумпите за хидросистемот, бидејки годишно се трошат околу 2,5 милиони евра за струја.
На санација и реконструкција на целиот хидросистем ќе се пристапи откако ќе се изработи проект, кажа заменик-минситерката за животна средина Ане Лашкоска. Таа кажа дека годинава од Буџетот се издвоени 2 милиона денари за изработка на проектот.
Хидросистемот „Ѓавато“ беше исклучен во 2022 поради високите сметки за потрошена електрична енергија, но и поради високиот водостој на Дојранското Езеро. Лани во ноември беа активирани технички исправните три пумпи, кои со прекини вршеа дотур на вода до езерото.
В. ТРАЈКОВ