ПОКРАЈ ГРАДСКИТЕ ПРАВОСЛАВНИ ГРОБИШТА ВО ТЕТОВО СЕКОЈДНЕВНО РАСНЕ ГОЛЕМА ДИВА ДЕПОНИЈА

    ПОКРАЈ ГРАДСКИТЕ ПРАВОСЛАВНИ ГРОБИШТА ВО ТЕТОВО СЕКОЈДНЕВНО РАСНЕ ГОЛЕМА ДИВА ДЕПОНИЈАТетовските комуналци повремено ќе ја исчистат депонијата, но за кратко време таа брзо се полни. (Фото: СДК.МК)

    Најавуваната зелена агенда никако да профункционира во Тетово. Несовесноста на граѓаните кои фрлаат смет на секаде е голема, но голема е и неефикасноста на Јавното претпријатие од Тетово навремено да го собира сметот од сите контејнери.

    Една од најболните точки на градот е таа кај Градските православни гробишта. Тука, по којзнае кој пат е создадена дива депонија, сега долга десетици метри и преполна со најразновиден смет, од коски од животни, па сè до мебел од домаќинствата и градежен шут. Тетовските комуналци повремено ќе ја исчистат оваа депонија, но за кратко време таа брзо се полни.

    „Ваквата слика од ова место се повторува па дури и предизборните месеци не се доволен мотив оваа депонија навреме да се сервисира. Крајно време е тој што ќе управува со Општината во следниот мандат конечно да најде место каде ќе се одложува кабастиот отпад од домаќинствата и посебно градежниот шут“, вели Валентин Тасевски, кој живее во близината на оваа депонија.
    Ваквата слика покрај Православните гробишта е со години наназад. Жителите на Тетово од православна вероисповест често пати се бунат бидејќи е крајно недостоинствено да се погребуваат починатите покрај една ваква депонија од која се шири неподнослива миризба.

    Тетовските комуналци и не се премногу загрижени за ваквата состојба. Од време на време ќе испратат по некој камион да го собере сметот, но тоа не се прави редовно. Најавуваат дека тука ќе ставеле подземни контејнери но не успеавме да дознаеме дали и кога ќе се реализира тоа.

    Деновиве ЈП Тетово доби и нов директор, но и тој остана недостапен за информации кога ќе се среди состојбата со сметот и на оваа депонија, но и во целиот град.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира