ПОЛА БИТОЛА СЕ ЖАЛИ, А ПОЛА ГИ ХРАНИ УЛИЧНИТЕ КУЧИЊА, ЗА ПРИФАТИЛИШТЕТО ДОПРВА ЌЕ СЕ РАСПИШУВА ТЕНДЕР

    ПОЛА БИТОЛА СЕ ЖАЛИ, А ПОЛА ГИ ХРАНИ УЛИЧНИТЕ КУЧИЊА, ЗА ПРИФАТИЛИШТЕТО ДОПРВА ЌЕ СЕ РАСПИШУВА ТЕНДЕРОд 21 октомври до 16 ноември 2022, Апелациониот суд од Битола решавал дури по 12 случаи за надомест на нематеријална штета поради каснатини од кучиња. (Фото: СДК.МК)

    Уличните кучиња кои се намножени во Битола, а дел во глутници го запоседнаа центарот, Широк Сокак и долниот дел од паркот, ги поделија битолчани. Едни се жалат дека не можат да прошетаат низ Битола, а уште помалку со себе да ги поведат миленичињата зашто глутниците бездомни животни ги напаѓаат, а други пак ги хранат.

    „Некој нека ми каже како да го прошетам кучето до Шеталиште, а да не ме нападнат уличните кучиња на Широк Сокак во Битола? И со кое право се неприкосновени уличните кучиња и го имаат запоседнато Широк Сокак, за сметка на домашните, со кои што не можеме да поминеме поради агресивноста и навлегување во нивниот терен? Еве јас ќе го дадам кучето на некој доброволно што ќе се пријави да го прошета низ Широк Сокак, а да не го нападнат уличните кучиња“, коментира револтиран битолчанец.

    Додека едните се жалат, другите ги хранат.

    „Секој ден сретнувам битолчанец како им носи храна на кучињата во долниот дел од паркот. Таму се насобра цела глутница. На стотина метри погоре има детски парк. За да се качите на Тумбе Кафе потребно е да поминете покрај нив. Кај Безистенот им оставаат сомуни леб. Немам ништо против кучињата, но мора да се соберат во прифатилиште, да добијат потребна грижа, а и ние безбедно да се движиме низ улици“, вели битолчанка.

    Општината во 2020 исплатила 1,29 милиони денари по тужби на граѓани каснати или нападнати од кучиња, а во 2021  сумата уште повеќе се зголеми. (Фото: СДК.МК)

    Кучињата ги закараа дури и соседите.

    „Еден ден сосетката ми вели: ‘Ти си тој што пишува на Фејсбук против кучињата? Поради тебе ќе ги застрелаат по улици и ги трујат’. И од тогаш престана да ми зборува, а не сака да чуе дека ќерка ми навечер дома не може да се врати од кучиња. Пред некој ден за да се спаси се качи на хауба од возило паркирано крај патот“, вели битолчанец.

    Општината во 2020 исплатила 1,29 милиони денари (над 30.000 евра) по тужби на граѓани каснати или нападнати од кучиња, а во 2021  сумата уште повеќе се зголеми. Од 21 октомври до 16 ноември 2022 , за неполн месец, Апелациониот суд од Битола решавал дури по 12 случаи за надомест на нематеријална штета поради каснатини од кучиња. На оштетените им се доделуваат средства за претрпен физички бол и страв.

    Едно од главните вертувања на сегашната локална власт беша изградба на прифатилиште. Минатата година имаше најави дека во дел ќе биде направено до Нова година. Сега велат дека не можат да прецизираат рокови зашто се врзани со тендерска постапка.

    „За прифатилиштето, лоцирано во близина на Средното земјоделско училиште ‘Кузман Шапкарев’, во тек е подготовка на тендерска документација за адаптација на објектот. На почетокот на оваа година ќе биде распишана јавна набавка за адаптација, по што ќе започне изведбата на терен. Во меѓувреме, до објектот е донесена санитарна и техничка вода, како и одводна мрежа. Минатата година е направен проект и обезбедена е дозвола за градба“, соопштија од Општина Битола.

    Дотогаш приватна ветеринарна установа веќе врши заловување, стерилизирање и кастрирање на кучињата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира