Помор на риба се случи вчера во реката Раец, кај село Дреново, Кавадаречко. Настанот бил пријавен во доцни попладневни часови, по што Државниот инспекторат за животна средина Кавадарци (ДИЖС) извршил вонреден надзор, во присуство на јавниот обвинител од ОЈО Кавадарци и претставници на кавадаречка полиција.
„Надзорот е извршен во месноста Фаришка Клисура. Констатирано е испуштање на непозната течност од возило во реката Раец, при што е дојдено до помор на риби. Издадена е забрана за секакво користење на водите од Раец во селото Дреново. Земени се и мостри од угинати риби и од вода, кои ќе бидат доставени до соодветна лабораторија на натамошно испитување. Се работи на откривање на сторителот“, соопштија од ДИЖС.
На фотографиите кои ги објави ДИЖС се гледаат траги од камион до реката Раец каде што се случил еко-инцидентот, за потоа трагите од тркалата да водат до блиска градежна база.
П. ПЕЧКОВ