ПОРАДИ ПРЕМНОГУ ПРИЈАВИ ЗА СУБВЕНЦИОНИРАНИ КЛИМИ ВО БИТОЛА, ПАДНА ВЕБ СТРАНИЦАТА ЗА АПЛИЦИРАЊЕ

    ПОРАДИ ПРЕМНОГУ ПРИЈАВИ ЗА СУБВЕНЦИОНИРАНИ КЛИМИ ВО БИТОЛА, ПАДНА ВЕБ СТРАНИЦАТА ЗА АПЛИЦИРАЊЕЕлектронското пријавување почна денеска и беше предвидено да трае до 2 октомври, но поради техничките проблеми, рокот ќе биде продолжен (Фото: СДК.МК)

    Поради напливот на пријави за субвенционирани високоефикасни инвертер клима уреди за домаќинствата во Битола, како и повторувањето на барањата поради претходни непотполни податоци, падна интернет страницата наменета за електронско аплицирање. Од Општина Битола, која ги обезбедува субвенциите и го објави повикот, соопштија дека во осум часот успешно започна аплицирањето, при што бил евидентиран голем интерес и дел од граѓаните поднеле успешни апликации. Но, други, поради непотполно следење на инструкциите дадени во упатството за аплицирање, ги повторувале барањата, па со секое ново го поништуваа претходното и настана технички проблем.

    Сите успешно поднесени барања се внесени во базата на податоци. Времетраењето на прекинот за поднесување барања ќе биде соодветно надополнето.

    За субвенционирани клима уреди ќе се распределат 155 милиони денари. Максималниот износ на субвенцијата што може да го искористи еден барател изнесува 55.800 денари нето или 62.000 денари бруто со данок на личен доход.

    Електронското пријавување започна денеска и беше предвидено да трае до 2 октомври до 16:00 часот, но поради техничките проблеми, рокот ќе биде продолжен. Целта е домаќинствата да ги заменат печките на тврди и фосилни горива што ги користат за затоплување на станбениот простор, со што би се намалило загадувањето на воздухот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира