ПОРТРЕТИ НА ЃОРЃИ ЗОГРАФСКИ ИЗЛОЖЕНИ ВО ВЕЛЕС, СЕМЕЈСТВОТО ПОБАРА ЕДНА УЛИЦА ДА БИДЕ ИМЕНУВАНА ВО НЕГОВА ЧЕСТ

    ПОРТРЕТИ НА ЃОРЃИ ЗОГРАФСКИ ИЗЛОЖЕНИ ВО ВЕЛЕС, СЕМЕЈСТВОТО ПОБАРА ЕДНА УЛИЦА ДА БИДЕ ИМЕНУВАНА ВО НЕГОВА ЧЕСТМеѓу изложените дела е и сликата изработена темпера на платно „Страшниот суд“ која се наоѓа во храмот „Св. Пантелејмон“ и досега не е јавно изложувана. (Фото: СДК.МК)

    Десетина дела на сликарот и зограф Ѓорѓи Зографски се изложени во Народниот музеј во Велес, во градот каде го минал поголемиот дел од  животот. Изложените портрети се сопственост на Народен музеј, на Гимназијата, на црквите „Св. Пантелејмон“, „Св. Спас“ и „Св. Димитрија“ и една од Манче Кујунџијата. Изложбата е насловена „Портретно сликарство“.

    Зографски работел и творел во првата половина на 20. век. Меѓу изложените дела е и сликата изработена темпера на платно „Страшниот суд“ која се наоѓа во храмот „Св. Пантелејмон“ и досега не е јавно изложувана.

    „На изложбата се претставени дела кои се во приватна сопственост на велешани или локални институции. Сите дела се портрети, кои Зографски ги работел по порачка од истакнати трговци, сограѓани, кои сакале да остават трага зад себе. Ѓорги сликите ги работел од фотографии“,  вели Елица Николовска, историчарка на уметноста од Народниот музеј.

    Автопортрет на Ѓорѓи Зографски. (Фото: СДК.МК)

    Меѓу изложените дела има и автопортрет на Зографски, сопственост на неговата снаа Панда Зографска, која била мажена за неговиот син,  композиторот на класична музика Томислав Зографски. Таа ја повика локалната власт да именува улица по името на Ѓорги Зографски, за неговото име да остане во сеќавање на сограѓаните.

    „Драго ми е што ова изложба се поставува во Велес, пред неговите сограѓани, бидејќи споменот за него останува. За да биде целосен, ја повикувам локалната власт, каде и поднесовме барање една од улиците во градот да добие име по Ѓорги Зографски, тој тоа го заслужува“, апелираше Зографска.

    Ѓорѓи Зографски својата уметничка личност и развој ја формирал во средините во кои се движел и создавал – Македонија, Русија, Бугарија и Србија. Роден е во велешкото село Папрадиште во 1871, а неговиот татко, Јаков, потекнува од Рензовско-Зографскиот род. Починал во декември 1945,  на 74-годишна возраст.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира