ПОСТАВЕНА СПОМЕН-БИСТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ БОРИС ТРАЈКОВСКИ ВО РОДНОТО МОНОСПИТOВО

    ПОСТАВЕНА СПОМЕН-БИСТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ БОРИС ТРАЈКОВСКИ ВО РОДНОТО МОНОСПИТOВОГрадоначалникот Ристо Манчев и писателот Киро Донев на свеченоста во Моноспитово. (Фото: СДК.МК)

    По повод годишнината од раѓањето на претседателот Борис Трајковски, беше поставена спомен-биста  во училиштето кое го носи неговото име во родното Моноспитово. Изработена од мермер, бистаа е дело на ликовниот уметник Драги Бусев од Моноспитово, а изработката ја финансираа иселениците од ова место.

    Трајковски беше вториот претседател на Македонија, а загина во авионската несреќа кај Ротимље во Босна и Херцеговина на 26 февруари 2004.

    Градоначалникот на Општина Босилово Ристо Манчев кажа дека бистата било барање на жителите од селото, за да сведочи за човекот кој си ја сакаше државата.

    „ Ние сме горди што една таква личност која остави трага во развојот на Македонија беше пример како треба да се сака и почитува државата и секој граѓанин. Се надевам дека неговото дело ќе биде водич за сите политичари и граѓани во земјава“, кажа Манчев.

    На откривањето на спомен-бистата во дворот на училиштето беше присутен и писателот Киро Донев. Според него, оваа биста ќе ја зајакне врската со сите жители на Моноспитово кои го познаваа, но и со идните генерации.

    „Ликот и делото на Борис Трајковски се овековечени не само во колективната меморија на жителите во селото и Македонија, туку и пошироко. Овој чин е само придонес да се зајакне  колективната меморија во селото не само кај тие што го познаваат туку и за генерациите што идат, бидејќи Трајковски беше човек со визија за мир и љубов меѓу луѓето во светот“, рече Донев.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира