ЗАМЕНАТА НА ВЛЕЗНИЦИТЕ ЗА АЛКИ БЕШЕ ДОГОВОРНА ОБВРСКА, БЕЗ НИВ ЌЕ НЕМАШЕ КОНЦЕРТ НА ДЕЈВИД ГЕТА, КАЖА БОБАН МИЛОШЕСКИ ОД „АВАЛОН“

    ЗАМЕНАТА НА ВЛЕЗНИЦИТЕ ЗА АЛКИ БЕШЕ ДОГОВОРНА ОБВРСКА, БЕЗ НИВ ЌЕ НЕМАШЕ КОНЦЕРТ НА ДЕЈВИД ГЕТА, КАЖА БОБАН МИЛОШЕСКИ ОД „АВАЛОН“Од МВР соопштија дека е изготвен посебен план за физичко и сообраќајно обезбедување на овој музички настан (Фото: К. Попов)

    Со настапот на светски познатиот диџеј и продуцент Дејвид Гета утре (8 септември) ќе кулминира прославата на 35 години независност на Македонија. Бидејќи се очекуваат 50.000 луѓе на стадионот „Тодор Проески“, ова ќе биде еден од најголемите музички настани во Македонија досега, што со себе носи и големи организациско-логистички предизвици.

    Сопственикот на „Авалон“, Бобан Милошески, кој го организира настанот, го спореди настапот на Дејвид Гета со концертот на „Металика“ во мај во Атина како нешто најголемо на Балканот оваа година.

    „Кога се работи настан од нивото на ‘Full Monolith Stadium Show‘ на Дејвид Гета, се разбира дека има многу правила и протоколи што ги имаме прифатено при самото потпишување на договорот. Правиме шоу за 50.000 луѓе, па мора да им овозможиме на посетителите што е можно полесно и поквалитетно да присуствуваат на овој настан“, кажа Милошески.

    Тој појасни дека замената на влезниците за алките била договорна обврска.

    „Од самиот почеток бевме свесни дека ако нема замена на влезници за алки, ќе нема концерт. Ако нема алки, ќе биде потребно чекирање на влезниците на врата, а од наше искуство и од многу помали капацитети, тоа одзема неверојатно многу време. Така што, ова со алките треба да се сфати како една неминовност за одржување на концертот во интерес на времето и поради инфраструктурата за влез каква што ја има стадионот“, рече Милошески.

    Вратите на стадионот ќе бидат отворени од 17 часот, до кога ќе можат да се заменат влезниците за алки на посебни пунктови во Градски парк.

    Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека е изготвен посебен план за физичко и сообраќајно обезбедување на овој музички настан и предвиден е посебен режим на сообраќај на приодите кон арената „Тодор Проески“.

    Владата сè уште не соопшти колку ќе чини целокупната прослава на 35-годишнината од независноста на земјава. Портпаролката на Владата, Марија Митева, во мај кажа дека јавноста ќе биде информирана за деталите откако ќе бидат објавени сите настани.

    Новинарка на „Слободен печат“ го праша организаторот на концертот Бобан Милошески од „Авалон“, зошто досега не е објавена сумата на договорот за концертот на Дејвид Гета и дали има некоја клаузула што тоа го спречува, а одговори:

    „Дали ти изгледам јас ко идиот? Јас кажав за што е пресот. Имате да поставите прашање во контекст на пресот?“

    Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), по пријава од новинарка на „Слободен печат“, испрати допис до „Авалон продукција “во врска со начинот на комуникација со неа за време на прес-конференцијата.

    „ЗНМ укажа дека несоодветниот тон, личните квалификации и потценувачкиот однос кон новинарите не се дел од професионалната комуникација што треба да постои меѓу организаторите на настани и медиумите. Новинарите имаат право слободно да поставуваат прашања во рамки на својата работа, без оглед дали тие се пријатни или непријатни за соговорниците, а комуникацијата со нив треба да се темели на почитување на нивната професионална улога“, велат од ЗНМ.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира