СИТЕ ШТО ИМААТ ВЛЕЗНИЦИ ЗА ДЕЈВИД ГЕТА МОРА ЛИЧНО ДА ГИ ЗАМЕНАТ ЗА НАРАКВИЦИ

    СИТЕ ШТО ИМААТ ВЛЕЗНИЦИ ЗА ДЕЈВИД ГЕТА МОРА ЛИЧНО ДА ГИ ЗАМЕНАТ ЗА НАРАКВИЦИГета доаѓа во Скопје со своето ново специјално шоу (Фото: Фејсбук)

    Сите кои имаат купено влезница за настапот на Дејвид Гета на 8 септември во Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе треба претходно да ја заменат со соодветна нараквица. Новиот протокол за влез е воведен во координација со Министерството за внатрешни работи, со цел поголема безбедност и поефикасен влез на публиката, велат од „Авалон“, кој го организира настанот заедно со Владата.

    Замената ќе се врши во специјално поставените куќарки во Градски парк. На 4 септември пунктовите ќе работат од 16 до 20 часот, а на 5, 6 и 7 септември од 12 до 20 часот. Посетителите треба да ја приложат влезницата во физичка или во електронска форма, како и лична карта или друг документ за идентификација на лицето кое ќе ја носи нараквицата.

    Картите за настапот на Гета биле распродадени за 12 часа откако беа пуштени во продажба во средината на мај. Според „Авалон“, биле продадени 50.000 влезници. Настанот официјално беше најавен како бесплатен, но за регистрација се плаќаше 35 денари по влезница и една личност можеше преку мејл да се регистрира за две влезници.

    Настапот на светски познатиот диџеј и продуцент ќе биде кулминација на музичките настани од прославата на 35 години независност. Владата досега нема соопштено колку чинат гостувањата на Гета и Хозе Карерас, како и останатите содржини од прославата. Портпаролката на Владата, Марија Митева, во мај кажа дека јавноста ќе биде информирана за деталите откако ќе бидат објавени сите настани.

    Во рамките на прославата, на 1 септември на Плоштад Македонија настапи славниот тенор Хосе Карерас со Филхармонијата и со македонските музички ѕвезди Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Маја Оџаклиевска, Наум Петрески и Сузана Спасовска. Вчера на платото пред „Т Арена“ се одржа концертот „Најдоброто од Македонија“ со Слаткаристика, „Суперхикс“,, „2Бона“, „Фанк шуи“ и Дина Јашари.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира