ПОСТАВЕНИ УНИФИЦИРАНИ РЕКЛАМНИ ТАБЛИ ВО СТАРИОТ ДЕЛ ОД ОХРИД

    ПОСТАВЕНИ УНИФИЦИРАНИ РЕКЛАМНИ ТАБЛИ ВО СТАРИОТ ДЕЛ ОД ОХРИДСветлечките реклами се заменети со типизирани табли идентични за сите објекти,заради задржување на автентичниот изглед на стариот дел од градот. (Фото: СДК.МК)

    Унифицирани рекламни табли изработени од дрво и ковано железо се поставени на осумдесеттина угостителски објекти, занаетчиски работилници, сместување и други субјекти што вршат туристичка и услужна дејност во Стариот дел на Охрид. Замената на светлечките реклами со типизирани табли, идентични за сите објекти, има за цел задржување на автентичниот изглед на тој дел од градот во рамки на процедурата на етапно стандардизирање и визуелно унифицирање на урбаната опрема поставена на најатрактивните локации низ градот.

    Рекламните табли се изработени согласно Правилникот и каталогот за стандардизација и визуелна унификација на урбаната опрема што на почетокот на годинава им беше презентиран на сите субјекти од туристичката и услужната дејност, а го пропишуваат видот, типот, категориите и карактеристиките на стандардизирана и визуелно унифицирана урбана текстура, урбан мобилијар и утилитарни објекти.

    „Навистина е убаво да се видат рекламите исти, уникатни. Со овие табли секако дека се подобри изгледот на стариот дел од градот, но на сметка на тоа се намали осветлувањето. Навечер поминуваат многу луѓе и Општината сега треба да го среди и тој проблем. Ни беше кажано дека ќе се поставува и ново осветлување“, велат повеќето сопственици на дуќани од стариот дел на градот.

    Според најавите, Општина Охрид ќе поставува и стандардизирани и унифицирани канделабри, кои ќе даваат поголема светлина од постоечките. Општина Охрид од минатата година започна со унифицирање и на тендите пред угостителските објекти, кои треба да бидат усогласени по боја и изглед.

    Правилникот и каталогот за стандардизација и визуелна унификација на урбаната опрема на локациите лани беше усвоен од Советот на Општина Охрид и е изработен согласно одредбите од Законот за градење, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за заштита на културно наследство и Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира