ПОВРШИНА КОЛКУ ПОЛОВИНА СТАДИОН ЗАСАДЕНА СО ЦВЕЌИЊА ВО БИТОЛА ПО КРЕАЦИЈА НА НИКОЛА ДАМЕСКИ

    ПОВРШИНА КОЛКУ ПОЛОВИНА СТАДИОН ЗАСАДЕНА СО ЦВЕЌИЊА ВО БИТОЛА ПО КРЕАЦИЈА НА НИКОЛА ДАМЕСКИЦветните леи се толку привлечни што неретко се случува да бидат мета на несовесни граѓани кои крадат цвеќиња од нив. (Фото: СДК.МК)

    Јавна површина колку половина од тревниот терен на стадион „Под Туме кафе“ само годинава е засадена со цвеќе во Битола. Поточно, 3.800 квадратни метри се под цветни декорации на различни локации по паркови и тревни површини пред станбени комплекси, индивидуални куќи и институции.

    За цветната ренесанса што ја доживува Битола искористени се околу 30.000 саксии сезонски расад за годинешното пролетно-летно засадување, а претходно во периодот на ниски температури беа искористени уште толку или вкупно 60.000 саксии расад. За ова придонесе Никола Дамески, дипломиран шумски инженер, советник за градско и вонградско зеленило во Јавното претпријатие „Комуналец’’ , под чие раководство се спроведува планот за цветна Битола со кој и на места каде имаше џбунови никнаа цветни леи.

    „Засадувањето се врши два пати годината при што во овој пролетно-летен период се засадуваат цвеќиња кои изобилуваат со богати цветови и цветањето трае до првите минусни температури. Потоа, сите тие површини се засадуваат со цвеќиња кои вегетираат и цветаат на минусни температури и истите остануваат и во пролетните месеци. Нашето поднебје е со четири годишни времиња и во текот на една година имаме ниски минусни температури и големи топлотни удари. Затоа се врши двапати засадување за да можат цвеќињата да ги поднесат минусните температури односно високите топлотни удари“, вели Дамески.

    Од напуштен и запоставен стакленик во стопанскиот двор, со вработени од претпријатието „Комуналец“ направија расадник за сопствено производство.

    „Извршивме генерално чистење и уредување на стопанскиот двор на работната единица Јавно зеленило. Таму, имаше целосно напуштен и запоставен стакленик во кој лани засеавме семе за расад, па изградивме четири нови пластеници, а оваа година уште толку. Со поставената производствена инфраструктура имаме капацитет за производство на преку 30 000 сезонски расад во еден турнус. За производство на расадот се користат хибридни семиња кои се погодни за нашето поднебје и имаат висока естетска и декоративна вредност“, вели Дамески.

    Одржувањето на цвеќињата се врши секојдневно. На дел од цветните леи поставени се системи капка по капка, а некаде полевањето се прави мануелно со мали цистерни. За во иднина се размислува да се зголеми производството на сезонски расад и декоративни дрвни видови.

    Инаку Дамески, љубовта кон природата ја имам наследено од татко му Славко, во чие директорување Националниот парк „Пелистер’’ го имаше своето златно време на развој. Никола вели дека татко му кој исто така е шумарски инженер, го земал уште како како дете на Пелистер каде ја засaкал природата.

    „Наша заложба е граѓаните да ја засакаат ваква украсена Битола и да негуваат култ кон убавото во Битола и да се трудиме сите од Битола да направиме убаво место за живеење. Да има многу паркови, зелени површини, цветни идејни аранжмани, да биде уреден и чист“, рече Дамески.

    Цветните леи се толку привлечни што неретко се случува да бидат мета на несовесни граѓани кои крадат цвеќиња од нив. Но, има и други битолчани кои ги штитат, фотографирајќи ги и снимајќи ги оние кои лошо се однесуваат, па ги објавуваат на социјалните мрежи каде наидуваат на осуда.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира