ПОВТОРНО ИСКРШЕНА СПОМЕН-ПЛОЧАТА ВО ЧЕСТ НА ЗАГИНАТИТЕ БРАНИТЕЛИ КАЈ МЕСНОСТА КАРПАЛАК 

    ПОВТОРНО ИСКРШЕНА СПОМЕН-ПЛОЧАТА ВО ЧЕСТ НА ЗАГИНАТИТЕ БРАНИТЕЛИ КАЈ МЕСНОСТА КАРПАЛАК Последниве 5 години спомен плочата стоеше неоштетена сè до денес кога повторно таа беше искршена.  (Фото:Фејсбук)

    Ден после одбележувањето на 23-годишнината од погибијата на 10-мината бранители кај месноста Карпалак во конфликтот од 2001 година, спомен-плочата на која беа испишани имињата на погинатите бранители е искршена, а венците и цвеќето кое вчера беше положено е расфрлано. На ваквиот вандалски чин преку соопштение остро реагираат од Министерството за одбрана.

    „Министерството за одбрана најостро го осудува немилиот настан со оштетување на спомен плочата на загинатите бранители кај месноста Карпалак. Настанот е регистриран од страна на надлежните служби на министерството уште во утринските часови. Настанот веднаш е пријавен во Министерството за внатрешни работи, за преземање на соодветни мерки за идентификување на сторителите на овој немил чин. По соодветните дипломатски линии, случајот е пријавен и до меѓународната заедница. Министерството за одбрана веднаш презема активности за поставување на нова спомен плоча и истата ќе биде поставена во најбрз можен временски рок“, се вели во соопштението од МО. 

    За настанот со соопштение се огласи и СВР Тетово.

    „Денеска (09.08.2024) во 11.05ч. во СВР Тетово пријавено е дека е оштетена спомен-плочата поставена кај Карпалак во спомен на загинатите припадници на безбедносните сили во 2001 година. Се преземаат мерки за расчистување  на случајот“, соопштуваат од СВР Тетово.

    Спомен-плочата на која се испишани имињата на 10-те бранители, сите од Прилеп, беше поставена на местото каде со ракетен фрлач беше погоден автобусот со кој бранителите се движеа кон касарната во Тетово. Спомен-плочата беше поставена набрзо после завршувањето на конфликтот. Поставена е на банкината од автопатот и досега неколку пати беше кршена и уништувана и повторно поставувана од страна на бранителските организации. Полицијата во изминативе години никогаш не ги откри сторителите. Последниве 5 години спомен плочата стоеше неоштетена сè до денес кога повторно таа беше искршена. 

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира