ПОЖАРОТ ВО КРИВА ПАЛАНКА СЕ ДОБЛИЖИЛ ДО КУЌИТЕ ВО ДВЕ НАСЕЛБИ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МИТОВСКИ АПЕЛИРА ЗА ДРЖАВНА ПОМОШ

    ПОЖАРОТ ВО КРИВА ПАЛАНКА СЕ ДОБЛИЖИЛ ДО КУЌИТЕ ВО ДВЕ НАСЕЛБИ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МИТОВСКИ АПЕЛИРА ЗА ДРЖАВНА ПОМОШМитовски ги повика и граѓаните да излезат на терен и да гасат. (Фото: СДК.МК)

    Голем пожар претпладнево избувнал во населбата Лозаново и селото Градец, Општина Крива Паланка, кој се шири со голема брзина од силниот ветар, и постои опасност да ги зафати куќите. Градоначалникот Сашко Митовски соопшти дека општината е зафатена од сериозни пожари кои се шират со голема брзина и претставуваат закана за домовите и безбедноста на жителите. Рече дека државата сè уште не пратила помош, ги повикува и граѓаните да излезат на терен и да гасат.

    „Огнената стихија се приближува до населеното место Лозаново. Мораме да дејствуваме веднаш. Ги повикуваме сите граѓани што имаат можност и подготвеност – да се приклучат и помогнат во локализација и гасење на пожарите. Секоја помош е од непроценливо значење – и секој човек значи разлика. Ова е момент за единство, солидарност и хуманост. Да се мобилизираме како заедница – за заштита на нашите домови и природа“, повика градоначалникот Митовски.

    Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека денеска полициски службеници од ОВР Крива Паланка нашле починато лице во близина на пожар во село Лозаново, Кривопаланечко. Во присуство на јавен обвинител се врши увид и подоцна ќе бидат соопштени причините за смртта на човекот.

    Екипите на Територијалната противпожарна единица од Крива Паланка се на терен, а повикана е помош и од Општина Ранковце.

    Во Општина Куманово активни се уште четири пожари од 6 кои избувнаа помеѓу 13 и 14 ласот, откако почна да дува силен ветер.

    Најголем е пожарот помеѓу селата Горно и Долно Којнаре, а уште гори и во селата Четирце, помошни објекти во Перо Чичо и Табановце. Градот Куманово е обвиткан во чад од пожарите.

    „Нашите екипи се на терен и даваме се од себе да го ставиме под контола огнот, но постојано пристигаат пријави за нови пожари. Ги повикавме колегите од дома за да се организираме и да ги покриеме сите места. Ни дојдоа и неколку доброволци. Еден апел и до месното население, да се вклучи во одбрана од огнената стихија. Силниот ветар брзо го шири огнот и мора побрзо да се дејствува“, вели Деан Илиевски, командир на Територијалната противпожарна едница (ТППЕ) Куманово .

    Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопштија дека попладнево има 5 активни пожари на подрачјето на Град Скопје: во Општините Чучер-Сандево кај црквата „Свети Никита’ и Општина Шуто Оризари кај дивата депонија, кај Стенковец кон бензинската пумпа „Дизел“, во Општина Ѓорче Петров кај Волково и во Општина Петровец кај Катланово. Уште 12 пожари се активни низ земјава.

    Премиерот Христија Мицкоски вечерва ќе заседава со кризниот штаб за пожарите во Владата, а во е тек состанок на Главниот штаб во Центарот за управување со кризи.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира