После десетина години, младиот кромид од Башино Село оваа година има цена од која одгледувачите се задоволни. Врзопот е 300 денари, цена која не е постигната со години. Таков е случајот и со младиот лук, кој исто така е баран. Башино Село важи за најголемиот производител на овој раноградинарски зеленчук, но поради ниската цена претходните години, повеќето одгледувачи сега засеале далеку помали површини.
„Годинава состојбата со откупот на младиот кромид е одлична, досега не помнам дека било вака. Откако почна да се откупува, постојано е 300 денари за врзоп. Претходните години, секогаш на почетокот цената беше висока, па за неколку дена паѓаше. Откупуваат неколку лица од селото, а има и од Скопје. Годинава нема многу кромид. Многумина од соселаните се откажаа од одгледување, затоа има добра цена“, вели Иле Наумовски, одгледувач на млад кромид.
Интерес за него ќе има како и секоја година до 1 мај, што годинава се совпаѓа со Велигден. Секој ќе се грижи сам за својот род. Годинава, првпат после 15-ина години, немаше организиран откуп на младиот кромид за Хрватска. Башиноселци се сомневаат дека причината е што католичкиот Велигден годинава беше рано, на 1 април, па во март ниеден камион не дошол и не заминал со зеленчукот за пазарите во Загреб.
Добра цена има и младиот лук, кој минатата година се бараше како превентива од коронавирусот, иако СЗО кажа дека нема доказ за ваквите тврдења.
„Младиот лук е 400 денари за врзоп и таа цена е добра. И младиот кромид, кој повеќе се одгледува во Башино Село, годинава има добра откупна цена“, кажа Блаже Михајловски, одгледувач на млад лук.
Во селото секоја куќа сади млад кромид, некои од тоа живеат, на други им е дополнителен приход. Цели фамилии работат на него, го корнат, чистат, перат, пакуваат. Новина од минатата година е што врзопот се пакува во кеси, бидејќи така младиот кромид повеќе бил заштитен, а и е похигиенски.
П. ПЕЧКОВ