ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО ПОЗЕЛЕНЕ, НА РИБИТЕ ИМ СЕ ЗАКАНУВА ИЗУМИРАЊЕ

    ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО ПОЗЕЛЕНЕ, НА РИБИТЕ ИМ СЕ ЗАКАНУВА ИЗУМИРАЊЕВодостојот на Преспанското Езеро е пет метри под нормалата, а според Хидробиолошкиот завод од Охрид подлабоките слоеви вода губат кислород. (Фото: СДК.МК)

    Како катаклизма да го има погодено Преспанското Езеро кај туристичката населба Претор. Покрај тоа што водата е многу повлечена, па наликува на мочуриште, викендов езерските води позеленија. Според локалното население се работи за алги кои во плиткиот дел на Езерото ја обоија водата, а се појавуваат поради нискиот водостој и загаденоста.

    „Од брегот сега има појас од дваесетина метри пронижен со островчиња со земја, меѓу нив има вода од два три сантиметри и тиња во која кога ќе стапнете ногата пропаѓа. Низ водата има растение кое ја обојува зелена. Оваа појава во Претор беше ретка, ова е жално за гледање“, рече Пецо Митревски од село Претор.

    Според Риболовната основа за Преспанското Езеро 2017- 2022 година, овој екосистем се соочува со забрзана еутрофикација поради влив на големи количества хранителни материи. Покрај фосфорните соединенија, во езерскиот систем се утврдени и многубројни загадувачки материи, како пестициди. Една од видливите манифестации на утврдената состојба е и појавата на воден цвет предизвикан од сино-зелената алга. Поради тоа, неопходни се многубројни мерки за намалување на притисокот и подобрување на еколошкиот статус на езерото.

    „Низ водата има растение кое ја обојува зелена. Оваа појава во Претор беше ретка, ова е жално за гледање“, вели Пецо Митревски од село Претор. (Фото: СДК.МК)

    Во истражувањата што беа направени во рамки на проектот за заштита на Езерото, спроведен од УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка беше истакнато дека една од главните негативни ефекти на еутрофикацијата е зголемената распространетост на штетни цутови од алги кои развиваат зголемена биомаса, предизвикувајќи смрт кај рибите и труење на многу живи содржини, како и намалување нa кислородот.

    Пред еден месец на трибина за спас на Езерото одржана во Ресен министерот за животна средина Насер Нуредини истакна дека во тек е формирање на меѓународно тело со претставници од трите држави кои го делат езерото, Македонија, Албанија и Грција кое активно ќе се вклучи во изнаоѓање решение.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира