ПРЕСУШИЈА ТРИ ЧЕШМИ ВО ИСТОИМЕНАТА НАСЕЛБА КАЈ ШТИП, ИЗГРАДЕНА ЗА ЕГЕЈЦИТЕ, А НАСЕЛБАТА ОД 700 ДУШИ СЕ СВЕДЕ НА ДЕСЕТИНА ЖИВИ СВЕДОЦИ КОИ РАСКАЖУВААТ ЗА ЕГЗОДУСОТ

    ПРЕСУШИЈА ТРИ ЧЕШМИ ВО ИСТОИМЕНАТА НАСЕЛБА КАЈ ШТИП, ИЗГРАДЕНА ЗА ЕГЕЈЦИТЕ, А НАСЕЛБАТА ОД 700 ДУШИ СЕ СВЕДЕ НА ДЕСЕТИНА ЖИВИ СВЕДОЦИ КОИ РАСКАЖУВААТ ЗА ЕГЗОДУСОТОд три чешми кои течеле со години денес се секнати сите, но Три Чешми како приградска населба сега е приклучена на градскиот водовод од Штип.( Фото: СДК.МК )

    Само што почна присилното протерување на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна среде овчеполието на седум километри од Штип започнала да се гради станбената населба Три Чешми, специјално наменета за луѓето жртви на големиот егзодус од Грција. Од година во година населбата се зголемувала со нови живеалишта па така во педесетите години од минатиот век населбата имала над 700 жители кои биле принудени да ги напуштат своите родни огништа во северниот дел од денешна Грција. Во почетокот имало многу повеќе, но голем број од нив преминале во други краишта, а најмногу во прекуокенските земји.

    За нивна егзистенција државата и околиската власт во тие повоени години исто така наменски го формирала и првото земјоделско стопанство чие седиште било на крајот од населбата кое долги години стопанисуваше како Основна организација на здружен труд ( ООЗТ Три Чешми ) Кога градежниците, а тоа биле самите жители почнала да ја градат населбата ја нарекле по трите чешми што ги имало околу населбата.

    Првата била на едниот крај од населбата, другата како што велат жителите покрај џадето каде сега поминува автопатот Штип- Миладиновци и на нивно место се изградени бензински пумпи, а третата на почетокот од населбата. Но, во последните десетина години сите три чешми пресушиле и останале само сувите елаци да сведочат за името на нивното, како што велат жителите ново и трајно живеалиште.

    Денес, населбата Три Чешми со своите 400 куќи и над 1.000 жители е приклучена кон градскиот водовод на Штип и се води како приградска населба. И канализационата мрежа е поврзана со главниот колектор на Штип. Од толку многу современици на егзодусот, населбата е сведена на само десетина жители, живи сведоци на протерувањето што го доживеале милиони македонци од Егејска Македонија. Еден од нив е и 86- годишниот Коле Аспарухов, кој живее во куќата што во тоа време почнал да ја гради неговиот татко.

    Семејството Теодосиевски од кочанското село Рајчани, кое не е егејско се доселило во населбата Три Чешми каде повеќе од 60 години си имаат убав соживот со егејците кои први ја населиле населбата. (Фото: СДК.МК )

    „Само нашата фамилија броеше над 10 членови.Слично беше и со останатите семејства. Од 700 души ‘бежанци’ како што ние сами си се викаме, денес останавме нешто повеќе од десетина сведоци на времето на нашето насилно протерување од родните огништа,“ вели Аспарухов и се присетува на долгата животна голгота:

    „Кога на крајот од Втората светска војна тогашната грчка власт дојде по трети пат да го пали нашето село Ранци во околија Каљарска моравме да бегаме и преку Битола дојдовме до манастирот Зрзе каде имаше чести бомбардирања од Германците кои беа во заминување. Не качија во вагони и на однесоа во Беломорје во селото Неохор каде бевме една година“ вели Аспарухов кој иако имал само шест години добро му се врежани сеќавањата од тоа време на големиот егзодус .

    Во 1946 година кога Георги Димитров и Тито донеле проглас дека Македонците можат да си одат, тие од Плевен биле натоварени во вагони заедно со имотот што го имале, 30 овци, една крава и една мулка и пристигнале во битолското село Ново село. По една година имале уште една преселба во штипското село Врсково, а од таму во 1949 година во соседната населба Три Чешми која почнала интезивно да се гради.

    Тогаш, младинскиот активист Аспарухов работел како кондураџија, но истовремено како сестран спортист бил македонски репрезентативец во атлетика, а сè уште важи и за еден од најдобрите голмани што ракометен Штип воопшто ги имал во својата спортска историја.

    Посебно по изградбата на текстилната фабрика Македонка, населбата Три Чешми како мошне популарна меѓу народот, истовремено станала животно засолниште и на други семејства кои почнале да се доселуваат од другите напуштени краеви во Македонија. Така во 1957 година од кочанското село Рајчани за работа во земјоделското стопанство Три Чешми во истоимената населба се преселил и Крсто Теодосиев.

    „До ден денешен, цели 67 години во Три Чешми си живееме во голема слога и разбирање со сите соседи и со сите соселани. Ние, не сме егејци, ама со нив си поминуваме убави години. Исто како и тие, и ние си изградивме куќичка, имаме убаво уреден двор со зеленило, шупа, летниковец и фурна. Општина Штип инсталира водовод и сега имаме вода насекаде и во куќата и во дворот каде подигнавме чешма која се покажа дека е најмногу користена оти поголемиот дел од времето го поминуваме во дворот покрај чешмата“ велат 90 годишниот Крсто и неговата 5 години помлада сопруга Гроздана.

    Во близина на населбата се наоѓа спортскиот аеродром Сушево во атарот на истоименото сточарска соло, а во самата населба денес има Основно училиште кое наскоро ќе добие нова спортска сала, потоа располага со продавници, но нема амбуланта. Пред десетина години во населбата се изгради и црквата Св.Илија (под целосно ктиторство на бизнисменот Мите Николов). Населбата од три страни е опкружена со лозови насади и полиња за жито, низ неа минува гасоводот за Неготино, а на северната страна од населбата во последните неколку години на земјоделско вредните обработливи површини почнаа да никнуваат фотоволтаици.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира