ПРЕТСТАВЕНИ 7 СТУДИИ ЗА НОВ ГЕНЕРАЛЕН ПЛАН НА БИТОЛА, СТАРИОТ НЕ Е ОБНОВЕН 25 ГОДИНИ

    ПРЕТСТАВЕНИ 7 СТУДИИ ЗА НОВ ГЕНЕРАЛЕН ПЛАН НА БИТОЛА, СТАРИОТ НЕ Е ОБНОВЕН 25 ГОДИНИПостојниот ГУП не ги задоволува современите урбанистички потреби на градот. (Фото: СДК.МК)

    Битола има застарен Генерален урбанистички план (ГУП) кој не е обновен 25 години и не ги задоволува современите урбанистички потреби на градот. На денешната работилница, експертите од Архитектонскиот факултет ги презентираа седумте влезни студии за изработка на новиот ГУП.

    „Ова е процес кој требаше многу одамна да започне. Претходниот ГУП има повеќе од 20 години, а се работи за стратешки документ кој ја определува иднината и начинот на развој на градот и општината. По ова ќе следи Стратегијата за одржлив развој на Битола која треба да ги даде главните насоки по кои општината и градот би се развивале и треба да обезбеди одржлива и подобра иднина за Битола“, рече Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет.

    Според Анасатасија Трајковска, национален урбан експерт, не може да се планира развој на Битола со проекции предвидени пред 25 години во стариот ГУП од 1999.

    „Стариот ГУП и и неговите измени и дополнувања веќе го поминале својот плански период од 10 години, па ова беше крајно време да се препознае важноста за нов. Долго време се надминати програмските определби на овој план и време е да донесеме нови развојни визии. Бројот на жители, миграциските движења, економските, социјалните и културните потреби, сите тие основни функции кои чинат одржливост на еден град се драстично променети во овој период од 20 -30 години од кога беше направена проекцијата на претходниот град. Ние не можеме да планиораме развој на градот со предвидени проекции од пред 30 години, условите се целосно сменети“, рече Трајковска.

    Општина Битола веќе ја има почнати активности за изработка на новиот ГУП кој ќе треба да ја опфати и насебата Баир каде претежно живее ромско население, а чии делови досега не беа опфатени со уребанистичките планови, беа неурбанизирани и со дивоградби.

    Преку проектот „Баир здружена акција за вклучување на Ромите“, во чии рамки се одржа и денешната работилница, се подготвуваат и три детални урбанистрички планови за поврзшина од 30 хектари од населбата Баир.

    „Населбата каде живее доминантен дел од ромското население во Битола нема детален урбанистички план од 1998 година, што значи дека повеќе од 2 децении не е опфатена во урбанистичките рамки. За да може проектот да влијае врз урбаната компонента, на инфраструктурата, домувањето и урбанизмот во населба Баир мора да се преземат вакви чекори. Тоа ќе значи развој на ромската заедница, подобрување на условите и квалитетот на животот. Со тоа што работиме на ГУП ќе се опфати цел тој дел, а со урбанистричките планови е опфатена една половина од целосната површина на населбата Баир“, рече Климентина Ѓоргиоска, проектен менаџер на „Баир здружена акција за вклучување на Ромите“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира