Здружението за македонско-бугарско пријателство од Битола се огради од тројца свои членови кои одлучиле да преговараат за влез во политичка партија во Македонија. Претседателката на здружението Маринела Петреска јавно на прес конференција се огради од било какви активности на тројцата членови и од македонско-бугарското здружение од Кичево, кое рече дека соработува со нив.
„Поради некои нивни сегашни и идни дејствија и постапки, нашето заедничко тригодишно работење прикинува. Здружението од Битола се дистанцира од нивните дејствија, политички или какви било и да се, кои се против статутот на здружението. Порачувам да престанат да го користат името на здружението без да го потенцираат градот“, изјави Петреска.
Од Здружението за македонско-бугарско пријателство од Битола објаснуваат дека статутот не дозволува нивни членови да учествуваат во политички кампањи и избори.
Тројца нивни членови решиле да тргнат по политички пат со ветување дека ќе си дадат оставки, но тоа не го сториле. Токму затоа здружението се оградува од нив. Сепак, не откриваат тројцата сега веќе нивни поранешни членови со која политичка партија оствариле соработка, со опозицијата или од власта.