ПРИВАТНИТЕ ЛЕКАРИ БАРААТ ПОКАЧУВАЊЕ НА КАПИТАЦИЈАТА КАКО ШТО Е ПОКАЧЕНА ПАРТИЦИПАЦИЈАТА ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО

    ПРИВАТНИТЕ ЛЕКАРИ БАРААТ ПОКАЧУВАЊЕ НА КАПИТАЦИЈАТА КАКО ШТО Е ПОКАЧЕНА ПАРТИЦИПАЦИЈАТА ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО„Место да се засили примарното здравство, кое кај нас е приватно и е чувар на здравјето на луѓето, кај нас се ослабува“, вели д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседател на здружението на приватни лекари на Македонија (Фото:СДК.МК)

    Приватните избрани лекари од Македонија реагираат што партиципацијата во јавното здравство е покачена, а капитацијата  кон нив, не е. Претседателот на Здружението на приватни лекари на Македонија д-р Лилија Чолакова-Дервишова побара еднаков третман на јавното и приватното здравство.

    „Го поздравуваме покачувањето на платите во јавното здравство, но изразуваме незадоволство од игнорантскиот однос кон приватното примарно и секундарно  здравство, кои се со договори со Фондот за здравство. Од почетокот на годинава покачени се цените на услугите во болниците, со што е покачена и партиципацијата за пациентите.  Цените се покачени за едни 15 а за други услуги 9 отсто. Вакви корекции мора да има и кај нас. Да ја потсетам јавноста дека за сите години од 2001 година капитацијата е покачена само еднаш, од 45 на 55 денари. И толку. Инфлација има или за сите, не само за јавното здравство, а нашите услуги остануваат исти иако покачувањето на трошоците за работа се секојдневни. Не се покачени ниту буџетите на специјалистите кои работат со ФЗОМ. Кога споменуваме партиципација во приватно здравство веднаш се крева прашина, а кога се покачува во јавното здравство владее молк.  Згора на тоа на приватното здравство капитацијата и буџетите им доцнат три месеци, последна добиена е за октомври“, вели д-р Чолакова-Дервишова.

    Таа побара при првиот ребаланс на Државниот Буџет итно треба да се стави и покачување на капитацијата  за приватните лекари и буџетот за специјалистите.

    „Место да се засили примарното здравство, кое кај нас е приватно и е чувар на здравјето на луѓето, кај нас се ослабува.  Колегите прашуваат дали треба да добиеме министер за приватно здравство, за да не бидеме толку запоставени и игнорирани. Не може народните пари постојано и континуирано да се насочуваат  кон јавните болници и приватните болници кои имаат склучено договор со Фондот. Вреднувањето на трудот треба да е еднаков кон сите, за да можеме да имаме квалитетно примарно и секундарно здравство. За некој да биде награден во терциерно здравство, друг одработува во примарно и секундарно. Досега не слушнавме бројки од ,,Мој термин,, кои одат во прилог на ова“, вели д-р Чолакова-Дервишова.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари