Откако пред два дена тетовската полиција приведе 18-годишник од тетовското село Палатица, кој се заканувал дека ќе постави бомби и ќе изврши убиства, вчеравечер приведено е уште едно лице – малолетник од село Џепчиште. Тој исто така упатувал закани за поставување експлозивни направи и убиства, како и дека ќе изврши напад во средно училиште во Тетово. При претресот во неговиот дом пронајден е цел арсенал оружје.
„Вчера (13.03.2026), околу 13:55 часот во с. Џепчиште, Тетовско, полициски службеници од СВР Тетово, постапувајќи по судска наредба, извршија претрес во дом и помошни простории кај Б.М. (44) од с. Џепчиште. При претресот биле пронајдени предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело. За време на претресот присуствувале и претставници од Центарот за социјални работи Тетово. Во врска со случајот, лишен од слобода е неговиот 15-годишен син поради сомнение дека испраќал закани дека ќе постави експлозивна направа и ќе изврши напад во средно училиште во Тетово“, соопштуваат од СВР Тетово.
По целосно документирање и расчистување на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
З. АНДОНОВ



