ПРОКИСНУВА ПОКРИВОТ НА ОХРИДСКАТА ГИМНАЗИЈА, УЧЕНИЦИТЕ И РОДИТЕЛИТЕ РЕВОЛТИРАНИ, ОД УПРАВАТА ВЕЛАТ ДЕКА ПРОБЛЕМОТ НАСКОРО ЌЕ БИДЕ РЕШЕН

    ПРОКИСНУВА ПОКРИВОТ НА ОХРИДСКАТА ГИМНАЗИЈА, УЧЕНИЦИТЕ И РОДИТЕЛИТЕ РЕВОЛТИРАНИ, ОД УПРАВАТА ВЕЛАТ ДЕКА ПРОБЛЕМОТ НАСКОРО ЌЕ БИДЕ РЕШЕНЗа состојбата во која се наоѓа гимназиската зграда реагираат и учениците и родителите, кои се посебно револтирани за време на врнежи, кога водата се собира во пластични садови. (Фото: СДК.МК)

    Прокиснува дел од покривот на ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид, поточно во делот на четирите кубиња и централната мансарда, кои со реконструкцијата од 2006 година беа покриени со оловна прекривка, согласно Проектот за факсимилна реконструкција на поткровниот простор (опожарен уште во 30-те години на минатиот век).

    За состојбата во која се наоѓа гимназиската зграда реагираат и учениците и родителите, кои се посебно револтирани за време на врнежи, кога водата се собира во пластични садови.

    „Поради изминатиот период на обилни и непрекинати врнежи, дојде до влошување на состојбата во дел од просториите предвидени за реализација на наставата. Поради тоа, 5 од вкупно 34 простории се затворени и веќе извесен период не се користат. Истовремено, училиштето во рамките на своите просторни можности презема соодветни активности за обезбедување непречено и редовно реализирање на наставата во сите останати простории со кои располагаме, а кои се во доволен број. Напоменуваме дека ниту еден ученик не следи настава во просториите кои се оштетени од обилните врнежи. Дополнително, Државниот здравствен и санитарен инспекторат изврши инспекциски надзор и ја констатираше ситуацијата, при што записнички е нотирано дека споменатите простории се затворени и дека наставата се изведува во простории со соодветни услови“, велат од раководството на гимназијата.

    Оттаму додаваат дека се чека на завршување на постапката за јавна набавка и избор на изведувач, по што веднаш ќе се отпочне со реализација на проектот. Целта е реконструкцијата да заврши во најкус можен рок и да резултира со квалитетно и трајно решение, без притоа да трпи редовната настава во училиштето.

    „Во изминатиот период, уште од претходната раководна структура на училиштето, беа преземени активности за парцијално санирање на оштетувањата на кровот. Сепак, тие беа со краткотраен и нецелосно ефикасен резултат, поради што како актуелна управа пристапивме кон иницирање и спроведување активности за целосна реконструкција на кровот и трајно решавање на затекнатиот проблем“, велат од Гимназијата.

    Гимназиската зграда е објект кој претставува споменик на културата, па постапката за нејзино реновирање опфаќа повеќе фази: изработка на Основен проект за реконструкција на ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид и негова ревизија; стручна контрола на основниот проект со извештај од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид; конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културното наследство при Министерството за култура; решение за одобрување на реконструкција од Министерството за транспорт и врски; обезбедување финансиска конструкција, како и распишување оглас за јавна набавка и избор на изведувач.

    „Сите овие активности од страна на ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид се спроведени и добиено е Конзерваторско одобрение врз основа на кое е издадено Решение за одобрување на реконструкцијата. Од страна на Општина Охрид на 04.11.2025 год. прибавена е потврда за обезбедени средства во износ од 34.150.000 денари за реконструкција на гимназиската зграда, предвидени во Развојната програма за капитални инвестиции на Општина Охрид во областа на средното образование. На 10.11.2025 година е објавен Оглас за јавна набавка за избор на изведувач. Постапка сѐ уште е во тек и се очекува наскоро да заврши, согласно роковите утврдени во Законот за јавни набавки“, додаваат од училиштето.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира