Најраното појавување на неолитски населби во Европа се случува во географска Македонија, се посочува во научниот труд „Датирање на раниот неолит во Пелагонија“ од авторите Гоце Наумов и Агате Рајнгрубер кој деновиве беше публикуван во реномираното светско археолошко списание „Документа прахисторика“ (Documenta Praehistorica). Тој се базира на долгогодишните теренски истражувања на Центарот за истражување на предисторијата (ЦИП) во Пелагонија, а кои финализираа со хронолошко моделирање на добиените дати во Ајнштајновиот центар во Берлин.
„Во овој труд сублимирани се сознанијата за датирањето на неолитските тумби во Пелагонија, добиени при радиокарбон анализите на семиња од житарици и животински коски. Во него за првпат се посочува дека најраното појавување на неолитски населби во Европа се случува во географска Македонија, при што опфатени се повеќе локалитети од Република Македонија и Република Грција чии што датирања се ревидирани со помош на хронолошки секвенци и примена на бејзовото моделирање“, соопштија од ЦИП.
Во трудот се истакнува и мошне важната улога на неолитскиот локалитет Влахо кој, за жал, се соочи со уништување на неговата источна периферија и на кого му е неопходна натамошна заштита. Овој локалитет се издвојува со една од најстарите неолитски дати во Европа (околу 6400 години пред новата ера), што го прави особено уникатен во светски рамки, како поради датирањето, така и поради единственото присуство на десетина ровови низ населбата. Во прилог на овие аргументи, изработени се повеќе хронолошки графикони кои го потврдуваат временскиот опсег на Влахо во втората половина на 7 милениум п.н.е., како и она на другите значајни неолитски населби во географска Македонија.
Ж. ЗДРАВКОВСКА