Патот до Пелистерскиот Водопад, кој се појавува во пролетниот период со топењето на снеговите на Баба Планина, сега е лесно достапен. Деновиве, вработени од Националниот парк „Пелистер“ и жители од селото Ниже Поле, движејќи се со помош на коњи го расчистија, а воедно и маркираа патот.

Вработени од Националниот парк „Пелистер“ и жители од селото Ниже Поле го расчистија патот и уредија локација за престој и одмор. (Фото: СДК.МК)
„Крајната локација е уредена со нови содржини за пријатен престој и одмор на сите посетители. Планинската патеката е од лесна категорија со вкупна должина од 3 километри и е лесно достапна за сите љубители на природата“, соопштија од Паркот.
Водопадот е на надморска височина од 1.550 метри, на 3 километри оддалеченост од село Ниже Поле под месноста Црвени Стени. Се стигнува со пешачење од час и пол до два, од село Ниже Поле до под месноста Црвени Стени. Деновиве е доста посетен од планинари и други рекреативци. Сите се враќаат задоволни, со многу импресии од прекрасните видици кон долината на Црвена Река и околните врвови на Пелистер.
Ж. ЗДРАВКОВСКА