Откако Министерството за животна средина ѝ препорача на Општина Велес да преземе акција за побрзо завршување на реконструкцијата на улицата Благој Ѓорев, градоначалникот Марко Колев објасни дека таму се работи според договорените рокови.
„Според договорот потпишан со Светска банка, изведбата на оваа делница е со рок од четири месеци. Работите почнаа на 27 јануари, до денес минаа два месеца и десет дена. Фирмата-изведувач, која го доби тендерот за оваа и за улицата Живко Фирфов, има рок за работа од четири месеци. Најдоцна до понеделник ќе го стави првиот слој на асфалт. Тоа значи месец и пол пред истекот на договорот. Имаме целосна реконструкција и разбирливо е што има прашина. Но, јавноста треба да знае и дека сообраќајот не беше сопрен ниту еден ден, што ја отежнуваше работата. Ако беше сопрен сообраќајот поради градежните работи, како ќе стигнеа граѓаните до Чашка и Богомила?“, кажа Колев.
Министерството за животна средина бараше побрзо да се изведуваат градежните активности оти поради нив се создава голема прашина, што беше измерена и од станицата за мониторинг на квалитетот на воздухот. Така во изминатиот период беа измерени енормно високи вредности на ПМ10 честички.
П. ПЕЧКОВ