Петнаесет месеци се чека да се реши проблемот со карпите од ридот Цуцка на вливот на реката Тополка во Вардар. Надлежните бараат уште три дополнителни месеци, оти проблемот бил сложен и скап. Наспроти првичните проценки, трошоците сега скокнале за трипати. Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, бара време и поддршка за решавањето на проблемот.
„Проектирањето е започнато пред една година, завршната фаза е за еден месец, по што ќе го добијам проектот и ќе биде предаден на тендер за изведба. Тој е со рок до 30 дена, има можност жалба за незадоволните. Некаде во средина на септември би можело да се започне да се работи. Не е само да се тргне карпата, тоа е огромен зафат. Првично било предвидено да чини 25 милиони денари, а сега проценките на стручните лица од Градежен факултет се околу 80 милиони денари. Не е проблемот со карпата, туку целата територија треба да се минира и обработи, за да служи долги години“, кажа Витанов при посетата на Чашка.
Карпа од десетина тони на 13 март лани падна на регионалниот пат Велес-Градско и го блокираше сообраќајот. Тој беше во прекин до 5 април, кога карпата беше отстранета, но оштетениот пат на излезот од Велес остана и сега се одвива по една коловозна лента.
П. ПЕЧКОВ