Граѓани на општина Ѓорче Петров утринава протестираа поради небезбедност за пешаците на улица и во исто време Градот Скопје почна со поставување на семафори и лежечки полицајци.
Станува збор за улицата Борис Сарафов, поранешна 4 Јули во населбата Ѓорче Петров. Граѓаните што денеска протестираа со велосипедско дефиле велат дека таа е небезбедна, по неа се вози како на автопат, нема велосипедски, па дури ни пешачки патеки. Жителите се принудени да одат по сообраќајните ленти, велосипедистите да возат заедно со колите. На улицата, на која се наоѓаат две основни училишта нема семафори, ниту сообраќајни знаци.
Тие под мотото „Улицата е за живеење, не за дивеење“, испратија барања до Град Скопје и Општина Ѓорче Петров, да се изработи целосно нов сообраќаен проект за улицата, во кој ќе се земе во предвид безбедноста на граѓаните.
„Откако Град Скопје ја прошири улицата и доби по две сообраќајни ленти во двата правци, нема никакви услови за нормално живеење. Тротоари нема по целата должина, онаму пак каде има се многу тесни и блокирани од возила. Се вози со многу голема брзина, а исто така ја користат и товарни возила кои се движат кон Тетово.Сообраќајна полиција да ги казнува граѓаните кои дивеат, нема. Децата буквално не можат да излезат на улица, а камоли да возат велосипеди. Едно од основните училишта кое се наоѓа на самата улица нема ни тротоар пред него, од улицата се влегува во училиште“, велат граѓаните кои денеска симболично возеа велосипеди и цртаа на улицата пешачки патеки со детски стапала.
Откако на социјалните мрежи граѓаните го најавија велосипедското дефиле и протестот, екипите на ЈП„Улици и патишта“ по налог на Град Скопје уште рано утрово почнаа со поставување на семафор пред училиштето Мирче Ацев, лежечки полицајци долж улицата Борис Сарафов и сообраќајни знаци за максимална брзина на возење од 30 километри на час.
А. АНТЕВСКА