Поетот, прозаист и преведувач Михаил Ренџов е добитник на орденот „Свети Никола“, што се доделува на заслужни граѓани кои се родени и потекнуваат од Штип.
Ренџов завршил Правен факултет, но неговата голема љубов сe поезијата и литературата, па со години работел во Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје и е член на Друштвото на писателите на Македонија. Не пропуштил ниедна матурска средба на генерацијата од Штипската гимназија и на последната ни изјави:
„Животот е како вруток. А, врутокот е во детството и младоста, доба исполнета со забава. Токму тоа време е основа на творештвото на секој автор. Секој човек, па и поетот, е како испосник, кој во себе го носи тоа време и додека е жив, создава и твори. Затоа, само детсвото и младоста не се забораваат“.
Орденот „Свети Никола“ на Ренџов ќе му биде врачен вечерва на традиционалната свечена академија, што по повод патрониот ден на градот се одржува во Соборниот храм „Свети Никола“ во Штип. Притоа ќе бидат врачени и признанијата „19 Декември“, што ќе ги добијат проф. д-р Снежана Мирасчиева, Здружението за лица со посебни потреби „Порака“ и новоотворениот трговски комплекс „Сити мол“.
Минатата година, орденот го доби д-р Сашко Кедев, освојувачот на највисокиот светски врв Монт Еверест.
Т. ЈОВАНОВСКИ