САМО ДВАЈЦА КАФЕАНЏИИ ПЛАТИЛЕ ЗА ЛЕТНИТЕ ТЕРАСИ ВО ЦЕНТАР, ДЕБАРМААЛСКИТЕ ГАЗДИ БАРААТ ОЛЕСНУВАЊА ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ТРОТОАРИТЕ ОТИ ЛОШО РАБОТЕЛЕ

    САМО ДВАЈЦА КАФЕАНЏИИ ПЛАТИЛЕ ЗА ЛЕТНИТЕ ТЕРАСИ ВО ЦЕНТАР, ДЕБАРМААЛСКИТЕ ГАЗДИ БАРААТ ОЛЕСНУВАЊА ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ТРОТОАРИТЕ ОТИ ЛОШО РАБОТЕЛЕКафеанџиите бараат да да не се бара согласност од станари за летна тераса за да им се исплати инвестицијата. Погрешно паркирани коли пред Боемската улица (Фото: СДК.МК)

    Кафеанџиите од скопско Дебар Маало доставија барање до Општина Центар да се измени Правилникот за поставување на летни тераси донесен од ексградоначалникот Саша Богдановиќ. Овој правилник беше донесен пред две години со цел да се воведе ред во поставување на маси и столици, да не може на кој како ќе му текне да поставува урбана опрема, да го заградува јавниот простор и да нема место за движење за пешаците.

    Годинава Општина Центар има наплатено нешто повеќе од 100.000 денари надоместок за поставување на кафеански маси и столици на јавен простор. Надоместокот за летна тераса го имаат платено само двајца кафеанџии. Другите се жалат дека немаат пари поради ограничувањата од коронакризата. 

    Во писмо потпишано од 38 газди на кафеани во Дебар Маало, тие бараат низа олеснување за поставување маси и столици на јавен простор оти „“сегашната практика лошо им се одразува на работењето. Барањето испратено до градоначалникот Горан Герасимовски денеска е ставено да се разгледува на седница на Советот на Општина Центар.

    Кафеанџиите бараат да се дозволи поставување на маси и столици и на површина со помала ширина од 1,5 метар, (сега е дозволено минимумот да биде 2,5 метри), да не се бара согласност од станари за летна тераса, да се постават платформи на земја, како и да се откупи паркинг простор на „Паркинг Општина Центар“ за да се стават дополнителни маси.

    Според досегашниот правилник донесен пред две години во времето на градоначалникот Саша Богдановиќ, општината има право да кажува како ќе се користи јавниот простор.

    Општината ќе има право да кажува и одредува каде е дозволено, а каде не е дозволено да се поставува урбана опрема. Газдите на локалите за да имаат тераса пред локалот ќе треба да имаат дозвола од 50 отсто од станарите на зградата. На површината каде ќе се поставуваат маси и столици да има слободна проодна површина од 2,5 метри почнувајќи од рабниците или велосипедските патеки. На оние тротоари каде има дрва, столбови или друга опрема тогаш просторот за пешаци не треба да биде помал од 1,2 метри“, стои во Правилникот за урбана опрема со важност од 2020 до 2025.

    Со почитување на овој правилник дебармаалските кафеанџии се жалат: „Се доведуваме во опасност да претпиме дополнителни големи штети и да ги избубиме муштериите“. Во писмото што денеска ќе го разгледува Советот на општина Центар тие пишуваат дека „со овие промени ќе се овозможи кафеаните кои постојат со децении да продолжат да функционираат непречено и да можат понатака да го развиваат својот бизнис. 

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира