Локалната власт во Штип почна да ја гради третата катна гаража, во центарот на градот кај Горно Маало и во непосредна близина на таканаречената „зграда промаја“. Ќе чини над 320.000 евра.
Кога се ставија темелите, претседателот на опозициската СДСМ и кандидат за градоначалник на Штип, Павел Иванов, изјави дека документацијата е за изградба на монтажно-демонтажен објект.
Актуелниот градоначалник на Штип, Иван Јорданов, ги отфрла обвинувањата како „летаргична измислица на опозицијата и обичен популизам пред локалните избори“. Тој вели дека и оваа катна гаража, како и претходните две, е одлука на Советот на Општина Штип и се гради според комплетна проектна, планска и финансиска документација.
„Ќе има 50 паркинзи и ќе чини 20 милиони денари. И третата катна гаража, исто како и претходните две, се гради на напуштено и со години неискористено место. Наспроти тоа што опозицијата кога беше на власт не направи ништо туку градеше само станбени објекти за свои лични интереси, ние и натаму ќе градиме јавни објекти кои ќе бидат во интерес на сите граѓани. Градиме според закони, одлуки, проекти и урбанистички планови, а тие нека обвинуваат“, вели Јорданов.
Тој најави дека наскоро ќе започне да се гради уште една катна гаража, кај стариот Здравствен дом, веднаш зад општинската зграда. Предвидено е оваа гаража да биде најголема, со капацитет од 90 паркинзи, со што значително ќе се ублажи проблемот со паркирањето во центарот на градот.
Т. ЈОВАНОВСКИ