Пред 100 години, во ноември 1926 година, започнала со работа првата хидроцентрала изградена на тетовската река Пена. Ваков објект дотогаш немало изградено никаде во Македонија, па дури ни во поширокиот регион. Како прв погон за производство на електрична енергија, оваа хидроцентрала имала голема улога во развивањето на индустријата во Тетово, а дел од произведената струја преку далновод се дистрибуирал и во Скопје.
Идејата на реката Пена да се изгради хидроцентрала се јавила некаде во 1911/1912 година, од страна на неколку поимотни луѓе во Тетово. Реката Пена била идеално место за ваков енергетски објект бидејќи имала голем пад, изобилувала со вода дури и во летниот период, а објектот требало да се изгради на само три километри оддалеченост од градот. Но, за да се изгради ваков објект биле потребни големи финансиски средства, па затоа тетовци формирале акционерско друштво преку кое сакале да соберат пари за изградба.„Идејата за изградба на хидроцентрала се претворила во иницијатива во 1913 година, кога вардарскиот дел на Македонија се нашол во состав на Кралството Србија. Тогаш е основано акционерско друштво со почетен капитал од тогашни 100.000 динари.
Акционерите се обратиле до министерот за народно стопанство во Белград и побарале одобрување и упатства за што побрзо да се започне со изградба на хидроцентралата. За жал, оваа иницијатива била прекината поради балканската криза и Првата светска војна“, кажува д-р Бранислав Светозаревиќ, автор на научните трудови „Македонците во Тетово од ала турка до ала франга“ и „Електродистрибуција Тетово, 90 години од идејата, 75 години развој на ЕМС, подружница Тетово“, каде што, меѓу другото, пишува и за изградбата на хидроцентралата на реката Пена. Војните завршиле, а идејата да се направи хидроцентрала и натаму опстојувала кај тетовци.
Само две-три години по завршувањето на Првата светска војна почнало да се забележува подобрување на состојбата во градот, па повторно заживеала идејата за изградба. Бидејќи се работело за голем и скап проект, во 1921 година било формирано акционерско друштво кое го носело името „Тетовско индустриско акционерско друштво“ (ТИАД). Светозаревиќ пронашол документ на ТИАД со кој акционерското друштво барало финансиска помош од Градското поглаварство, односно од тогашната градска управа во Тетово. Во тој документ било опишано како се родила идејата да се изгради хидроцентрала на реката Пена, а воедно можело и да се види колку голема била визијата на тетовците од тоа време и во тие услови да изградат ваков енергетски објект, уште повеќе што дотогаш немало изградено никаква хидроцентрала не само на просторот на Македонија, туку и пошироко.
„При крајот на февруари 1921 година се одржал собир на граѓани во хотелот ‚Београд‘, каде што едногласно било побарано во Тетово да се отвори акционерско друштво кое ќе го искористи падот на реката Пена за да се добие електрична струја, која ќе се употреби за осветлување на градот и домовите, но и ќе ја подигне локалната индустрија. Вложувајќи ги сите свои напори во оваа работа, успеавме 95 отсто од капиталот да го откупи само Тетово, а само 5 отсто надвор од Тетово. Денеска е запишан и уплатен чист капитал од 1.000.000 динари‘, велеле тогашните амбициозни тетовски стопанственици.
Тие предвидувале хидроцентралата да има капацитет од 3.000 коњски сили, и тоа во периоди на најмалиот водотек на Пена.
„Со оваа жива и непрекината сила од преку 3.000 коњи, ние ќе можеме не само да ги осветлиме градот и сите домови, за што ни се потребни 400-500 коњски сили, туку ќе можеме да ја употребиме и за фабрики, валавници, мелници, ситна домашна индустрија, електрична железница и за друго. Ние во непрекината работа ќе можеме да добиеме не 3.000, туку 9.000 впрегнати коњи, ако се земе предвид дека еден коњ не може да работи повеќе од осум часа дневно. Овие 9.000 коњи никој нема да ги храни, освен нашата река Пена‘“, се велело во барањето на тетовските акционери, кои на сликовит начин ја опишале моќноста на хидроцентралата што сакале да ја изградат.

Бидејќи се работело за голем и скап проект, во 1921 година било формирано акционерско друштво кое го носело името „Тетовско индустриско акционерско друштво“ (ТИАД).
По направените подготовки и по обезбедувањето дополнителни финансии преку продажба на акции, изградбата на хидроцентралата започнала во 1925 година. Таа била изградена во рекорден рок и пуштена во употреба во ноември 1926 година. Во горниот тек на реката бил направен базен каде што се собирала водата, а потоа преку канал таа се носела до голема цевка и, со пад од околу педесетина метри, ги вртела двете турбини на хидроцентралата
„Кога била изградена, таа имала инсталирана моќност од 2.400 коњски сили. Напоредно со хидроцентралата, во 1926 година била изградена и првата дистрибутивна мрежа во Тетово. ТИАД изградил и далновод од 3.000 волти со должина од 46 километри. Отворањето на хидроцентралата во ноември 1926 година било голем настан во тогашна Југославија, што го потврдува и присуството на кралот Александар, кој свечено ја пуштил во употреба. Покрај Тетово, оваа хидроцентрала обезбедувала струја и за Скопје, за индустриски и воени капацитети во околината, како и за рудникот Радуша. Скопје оттука се снабдувало со електрична енергија сè до 1938 година, кога била пуштена во употреба хидроцентралата ‚Матка‘. Затоа тетовци, горди на својот потфат, тогаш на шега велеле: ‚Ако не беше Тетоо, Скопје помрачина ќе го изедеше‘“, раскажува Светозаревиќ.
Централата значително придонела за развојот на индустријата во северниот дел на Македонија. Во текот на Втората светска војна, италијанските и албанските окупаторски власти стопанисувале со хидроцентралата. Сепак, со оглед на тоа дека таа претставувала стратешки индустриски објект, со неа всушност управувале германските сили. Хидроцентралата во повеќе наврати била цел на бомбардирање на сојузничките сили во 1943 и 1944 година, но не била директно погодена. Имало и планови да се изврши диверзија од страна на сојузничките сили и партизанските одреди, но ништо од тоа не било реализирано.
По ослободувањето во ноември 1944 година, хидроцентралата преминала во државна сопственост и со неа раководело тогашното Федерално електротехничко претпријатие на Македонија. Во 1979 година, за време на големата поплава во Тетово, надојдената Пена направила големи штети на објектите. По пет години обнова, хидроцентралата повторно била пуштена во работа во 1984 година. Еден период од неколку години таа била дадена под концесија на странска фирма, но бидејќи не биле исполнети договорните услови, повторно била вратена под управување на ЕВН. Во 2007 година е направен целосен ремонт и вградени се две нови турбини.Хидроцентралата на реката Пена и денес, 100 години откако е изградена, сè уште работи и произведува електрична енергија, претставувајќи не само енергетски, туку и значаен историски објект и за Тетово и за Македонија.
З. АНДОНОВ



