Судот во Струмица одреди 30 дена притвор за 48-годишниот струмичанец кој во семејната куќа во Просениково се обидел да ја убие сопругата. Прво се обидел да ѝ стави пестицид во устата, а потоа со нож ѝ нанел посекотини во пределот на вратот. Инцидентот се случил пред очите на двете малолетни деца, кои откако не успеале да ја одбранат мајка си, повикале роднини за да го оттргнат разбеснетиот маж.
„Осомничениот 48-годишник при вршење на семејно насилство се обидел да ја лиши од живот неговата сопруга. Прво ја фатил за глава и со шприц се обидел насилно да ѝ вбризга во устата одредена течност, најверојатно пестицид. Кога почнала да вика и да го турка, тоа го слушнале нивните две малолетни деца, кои дошле од другата соба и се обидувале да ја одбранат“, соопшти Основното јавно обвинителство (ОЈО) од Струмица.
Жената успеала некако да избега и побарала засолниште во бањата, каде осомниченот почнал со нож да ја сече кај вратот.
„Оштетената успеала да влезе во бањата, но осомничениот влегол по неа, ја турнал во кадата и ја притиснал со колено, па со нож започнал да ѝ нанесува посекотини на вратот во близина на каротидната артерија. Децата повикале други роднини, кои успеале да го оттргнат“ , велат од Обвинителството
Според информациите, жената подолго време била жртва на физичко и психичко насилство од сопругот, но не се осмелувала да го пријави кај надлежните. Вчера струмичката полиција го приведе насилникот и против него поднесе кривична пријава.
Општина Струмица и Здружението „Скај Плус“ се вклучија во глобалната кампања „16 дена активизам против насилството врз жените и девојчињата“. Осветлувајки ја општинската зграда во портокалово, тие апелираа жртвите да не молчат и секаков вид на насилство да се пријавува кај институциите.
В. ТРАЈКОВ



