СЕ ОТСТРАНУВААТ ВРЕМЕНИТЕ ОБЈЕКТИ ВО ЦЕНТАРОТ НА КУМАНОВО ПОРАДИ ИЗГРАДБА НА НОВА УЛИЦА

    СЕ ОТСТРАНУВААТ ВРЕМЕНИТЕ ОБЈЕКТИ ВО ЦЕНТАРОТ НА КУМАНОВО ПОРАДИ ИЗГРАДБА НА НОВА УЛИЦАКорисниците уште пред три месеци добиле решенија да ги напуштат објектите, но некои сепак денеска беа присилно иселени (Фото: СДК.МК)

    Општина Куманово ќе отстрани 24 времени објекти од улицата 11 Октомври, над Градската џамија, со цел да создаде простор за изградба на уличка што ќе го растовари метежот во центарот на градот.

    Во текот на оваа и следната недела ќе бидат тргнати сите бараки кои се сопственост на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор. Корисниците уште пред три месеци добиле решенија да ги напуштат објектите, а оние кои доброволно не го сториле тоа, денеска беа присилно иселени во присуство на полиција.

    „Заради реализирање на ДУП на улица 11 Октомври се врши отстранување на привремено поставените објекти. Потстанарите беа уредно известени да ги напуштат објектите и денеска се пристапува кон административно извршување, односно присилно иселување на оние кои не го сториле тоа. Повеќето сопственици се иселени. Сите објекти што се на овој потег ќе бидат отстранети, а динамиката ќе зависи од финансиските можности на Општината“, изјави Бобан Бојковски, раководител на Секторот за инспекциски надзор во Општина Куманово.

    Дел од сопственците регираа зошто општината се решила на овој чекор среде зима, тврдејќи дека ќе им пропадне бизнисот. Дел од нив сѐ уште имаат договор за закуп, кој бил прекинат еднострано од Претпријатието за стопанисување со деловен простор, и покрај тоа што тие поднеле жалби на решението.

    „Се најдовме во безизлезна ситуација бидејќи од овие дуќани ги храниме нашите семејства. 24 семејства се оставени на милост и немилост на овој студ, без право да се жалиме и да се уважи нашето право. Бараме да најдат решение и да нѐ префрлат на друга локација, ако веќе нѐ бркаат оттука. Сакам да го прашам градоначалникот дали има ДУП за реализација на овој проект или го прави тоа на своја рака, без законска основа“, изјави Башким Ќерими, еден од сопствениците.

    Градоначалникот Максим Димитриевски уште на почетокот на мандатот најави дека планира да ги поврзе улиците 11 Октомври и 11 Ноември, за да се намали гужвата кон Општата болница и да се отстрани тесното грло кое го создаваат возилата кои се движат кон населбата Бедиње и Липково.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира