Шестгодишно годишно дете паднало во реката Пена и се удавило, изјавија од Противпожарната единица во Тетово.
Трагедијата се случилаоколу 13 часот во супстандардната населба која се наоѓа веднаш до реката во долниот дел од Тетово. Мајката се обидела да го спаси, но малку фалело и неа да ја повлече надојдената река. Жителите на населбата веднаш ја повикале Противпожарната единица, која се наоѓа во непосредна близина. Потрагата по детето траела четири часа. Безживотното тело било пронајдено километар и пол подалеку од местото каде детето паднало во реката.
„Детето најверојатно се лизнало и така паднало во реката“, вели Ука Алити, командир на противпожарната единица на Тетово кој учествувал во потрагата.
Тој раскажа дека во близина била неговата мајка и кога видела дека детето го носи водата, таа се фрлила по него во обид да го спаси. Но, надојдената и брза вода на Пена брзо ја повлекла и неа. Не успеала да го фати детето и за малку и таа ќе се удавела ако не притекнале на помош двајца соседи кои успеале да ја спасат.
Алити од Противпожарната единцца вели дека откако жителите на населбата првин побарале помош од нив, тие ги повикале екипите на Дирекцијата за заштита и спасување, ЦУК и полицијата.
„Направивме два тима и почнавме да ја пребаруваме реката во потрага по детето. Покрај овие служби на помош во пребарувањето ни дојдоа припадници и на ЕБР. Го пројдовме целиот терен од населбата на Красниќи па до село Стримница. По четири часови претрага, околу 17 часот, телото на детето го пронашле жители на населбата Деребој, на околу еден и пол километар од местото каде паднало во реката. Дојде и екипата на Брза помош која ја констатира смртта на детето, а телото е предадено на обдукција“, вели Алити.
Населбата во која живеело детето не е урбанизирана, ниту пак е средено речното корито. Куќите се наоѓаат веднаш до реката и нема никаква заштитна ограда.
До сега Општината неколку пати го чистела насобраниот смет околу коритото на реката во оваа населба, но за кратко време, тука повторно се создаваа купишта смет.
З.АНДОНОВ