СЕ УРНА ПОТПОРЕН ЅИД ВРЗ КУЌА ВО ТЕТОВО, ВО ПОСЛЕДЕН МОМЕНТ КОМШИИТЕ ГО СПАСИЛЕ СОПСТВЕНИКОТ

    СЕ УРНА ПОТПОРЕН ЅИД ВРЗ КУЌА ВО ТЕТОВО, ВО ПОСЛЕДЕН МОМЕНТ КОМШИИТЕ ГО СПАСИЛЕ СОПСТВЕНИКОТНесреќата можела да заврши со поголеми последици бидејќи само пред една недела во куќата се наоѓале снаата на Илми со пет нејзини деца кога заминале во странство. Сопственикот Илми над урнатата куќа - (Фото: Зандон)

    По обилните дождови кои два дена паѓаа во Тетово попушти потпорен ѕид и падна врз покривот на една куќа. Само среќа и брза интервенција на соседите го спасиле од сигурна смрт 71 годишниот Илми Имери. Вчеравечер околу 20 часот додека бил во својата куќа не забележал дека 10 метри долгиот и 6 метри високиот бетонски потпорен ѕид кој бил над неговата куќа, попуштил и почнал да се лизга.

    „Слушнав голем звук, како да иде некоја голема вода или олуја. Сите комшиите излеговме и видовме дека потпорниот ѕид се откорна и иде кон куќата на Илми. Соседите почнаа да викаат по Илми и влегоа во куќата и успеаја да го извлечат надвор. Веднаш потоа ѕидот падна врз покривот на куќата“ раскажува Сабедин Јашари сеседот на Илми.

    Овој инцидент можел да заврши и со поголеми последици бидејќи само пред една недела во куќата се наоѓале снаата на Илми со пет нејзини деца кога заминале во странство а во куќата останал само Илми.

    „Јас ништо не слушнав дека паѓа ѕидот. Ја запалив печката и седев во собата. Тогаш слушнав викање од соседите. Тие влегоа внатре и ме спасија. Да не беа тие можеби сега ќе без затрупан во куќата. Кога ме изнесоа надвор, после два три минути, слушнав како ѕидот падна врз куќата“ уште потресен од настанот раскажува Илми Имери.

    Неговата куќа, која се наоѓа во ромското маало над православните гробишта, тешко е оштетена и во неа не можа да се живее. Ноќта ја поминал кај соседите, но како што вели тоа не е долгорочно решение. Тој живее само со пензија од 8.000 денари и вели дека во понеделник ќе оди и да побара помош од општинските власти. Освен што е оштетена куќата на Илми, пукнатини се забележуваат и на куќата на неговиот сосед кој пред две години го изградил потпорниот ѕид па лесно може да се случи и таа уште повеќе да се оштети и да пропадне во свлечиштето.

    Обилните дождови кои два дена без прекин паѓаа во полошко предизвикаа и други штети. Поради излеаните реки дошло до прекин на сообраќајот или негово отежнато одвивање кај селата Орашје, Доброште, Долно Палчиште и кај гостиварското село Србиново каде биле поплавени земјоделско земјиште и една штала. Со употреба на механизација од локалното население овие патни правци се расчистени и веќе се проодни а спасен е и добитокот од поплавената штала.

    Голем нанос од камења го блокирал и патот Велебрдо – Требиште. И тука со интервенција на механизација одронот од камења и земја бил отстранет и околу 20 часот сообраќајот бил нормализиран.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира