СЕ ВОЗИ ПО НОВИОТ ПАТ ШТИП – КРУПИШТЕ ШТО Е ДЕЛ ОД ЕКСПРЕСНИОТ ПАТ ЗА КОЧАНИ

    СЕ ВОЗИ ПО НОВИОТ ПАТ ШТИП – КРУПИШТЕ ШТО Е ДЕЛ ОД ЕКСПРЕСНИОТ ПАТ ЗА КОЧАНИОд Јавното претпријатие за државни патишта велат дека возењето по експресниот пат на делницата Штип (клучка Три Чешми) - Крупиште е согласно одобрениот времен режим и укажуваат да се почитува поставената патна сообраќајна сигнализација. (Фото: СДК.М)

    Јавното претпријатие за државни патишта дозволи да се вози по новиот пат Штип – Крупиште, како дел од експресниот пат за Кочани во вкупна должина од 16 километри, објави на својата фејсбук страница Јавното претпријатие.

    „Јавното претпријатие за државни патишта ја известува јавноста дека делницата Штип – Крупиште која е дел од експресниот пат во изградба А3 Штип – Кочани, е во функција, односно може да се користи за сообраќај. Посакувајќи им пријатно и удобно возење на учесниците во сообраќајот на експресниот пат на делницата Штип (клучка Три Чешми) – Крупиште, сакаме да им посочиме патниот правец да го користат согласно со одобрениот времен режим и да се почитува поставената патна сообраќајна сигнализација“, велат од претпријатието.

    Сообраќајната полиција вели дека експресниот пат Три Чешми кај Штип – Ванчо Прќе кај селото Крупиште може да се користи но со почитување на сообраќајните знаци, иако таблата кај Штип која означува дека десно може да се оди за Кочани е покриена со платно или прецртана со црвено.

    На самата патна делница утврдивме дека асфалтирана и во можна употреба е првата делница од новиот експресен пат за Кочани. Ја има потребната ширина за обострано разминување, со помошна лента за паркирање која кај нас многу често се користи за престигнување. Има неколку надвозници за штипските села Горни и Долни Балван, а една од главните клучки е за ТИР зоната кај Штип која сега има многу важни комуникации и од страна на Штип и сега по новиот експресен пат одалечен 3 километри од автопатот за Скопје.

    Патот може да се употребува со ограничена брзина, затоа што на неколку места уште се работи на дополнителните клучки и заштитници покрај патот. По пат и во двете насоки наидовме на работи што се изведуваат. Кај клучката за ТИР зоната кај Штип се поставуваат светла, па експресниот пат кај оваа делница целосно ќе биде осветлен. На само мал дел од патната делница се поставени заштитници на мостовите и на нив интезивно се работи, но нема насекаде заштитници од одрони и крајните заштитни мрежи после одводните канали кои спречуваат влез на дивеч.

    Продолжението од експресниот пат од Ванчо Прќе кај Крупиште за Кочани и патот за Пробиштип исто така е во изградба. Но, новиот експресен пат во многу ќе им олесни на оние кои патуваат од Кочани, а посебно од Пробиштип за Скопје и обратно кои сега не мораат да влегуваат во Штип и сите добиваат нов современ пат пократок за 10-20 километри.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира