Дел од уметничките дела создадени на скулпторските работилници во 2020 и 2022 во Велес сè уште не се поставени на јавни површини. Од Општината велат дека причината се неуспешните распишани јавни повици за изработка на постаменти. На четири јавни повици не е избрана ниту една фирма, бидејќи понудените цени биле значително повисоки од средствата што Општината ги има предвидено за таа намена.
„Четири пати имаме распишано јавен повик, но градежните фирми што се пријавуваат нудат цени од 40 до 60 отсто повисоки од средствата што ги нудиме за изработка на постаменти и стопи за овие дела. Затоа планираме, во консултација со уметниците, годинава да најдеме поинакво решение, бидејќи досегашниот начин со јавен повик не дава резултати. Останаа уште шест или седум дела што треба да се постават“, изјави Верица Тодоровска-Дацева, раководителка на Одделението во локалната самоуправа.
Од скулпторската работилница одржана во 2020 сè уште не се поставени две дела, „Емпатија“ од бугарскиот уметник Иван Кочевалиев и „Изолација“ од велешанецот Ангел Коруновски, изработени од метал. Непоставени остануваат и четирите дела создадени во 2022, кога уметниците работеа со рециклирано железо.
Скулпторска работилница беше организирана и во 2023, кога шест уметници твореа во домашни услови.
П. ПЕЧКОВ



