Во Штип, кој важи за македонски Манчестер, и во сите останати градови во државата каде што има текстилни фабрики и конфекции секојдневни се пријавите до трудовите инспектори за нарушување на работничките права и слободи.
Текстилните работници се жалат на работното време, на работењето во саботи, недели, па и за празници. Пријави има за недавање годишен одмор, минималните плати и за односот на сопствениците кои од работниците бараат враќање на дел од исплатената плата, а за К-15 и да не се зборува, пишува во секојдневните пријави од текстилните работници до трудовите инспектори.
„Секојдневни се пријавите за нарушување на работничките права и слободи по разни основи. Работниците лично доаѓаат и пријавуваат. Пријавите потоа се проследуваат до трудовите инспектори“, велат од трудовата инспекција во Штип.
Поради непочитување на овие права, невладината организација „Гласен текстилец“ подигна неколку метри висок симбол во форма на игла, поставена покрај Брегалница во близина на населбата 8 Ноември, која континуирано ќе сведочи за социоекономскиот дијалог и за борбата за подобар живот на текстилните работници.
Обележјето се откри во соработка со Општина Штип, која исто така има цел да го претстави текстилот како гранка на која почиваат градот и регионот.
Но, од сите текстилни работници со кои разговаравме го слушнавме истото, дека обележјето е само симболика и „Иглата“ нема да ги сошие, туку уште повеќе ќе ги распари правата на текстилните работници, кои во своите конфекции не смеат ни да помислат да формираат своја синдикална организација.
Во штипското одделение на трудовиот инспекторат дошле и до најново сознание како работодавците да ја оправдаат работата во неделите и за празниците. Со постојаното зголемување на нормите и намалувањето на платата и другите придонеси и принадлежности, работниците дошле во ситуација доброволно да се пријавуваат за работа во недела или за празник, затоа што ќе добивале по 1.000 денари.
Само што се промовираше „Иглата“, се огласија текстилните работодавци, кои на дебатни трибини во Штип и во некои друи градови побараа да се возобнови предлогот работниците кои не ја исполнуваат во целост работната обврска да се плаќаат 20 насто помалку, а не да им се дава гарантирана минимална плата.
„Работодавците бараат да се скрати листата на празници, по можност воопшто да нема такво нешто, со цел секој ден да се работи. Има илјадници случаи на прекувремена работа која не е пријавена и не е платена, исто како и за празници“, велат од невладините асоцијации од текстилната гранка.
„За да се плати лошиот работник, ќе треба да се скрати од добриот текстилец, а во апсолутен износ тоа се големи средства. Во текстилната гранка не постои еднаквост помеѓу добрите и лошите работници. Покачувањето на минималната плата не е проблем, но проблем е да се одржи оваа мерка. За да биде продуктивноста поголема, вишокот средства за минимална плата за исплата на неквалитетниот работник треба да биде насочен кон квалитетните работници“, вели претседателот на Текстилниот кластер Маријана Перковска на дебата во Штип.
Таа смета дека е потребно субвенционирање на извозот заради фиксниот курс на денарот и дека е неопходно паузата што работниците ја добиваат за појадок да влезе во осумчасовното работно време, а не посебно да се плаќа.
Некои текстилни работници со носталгија зборуваат дека имаше и такви конфекции кои воведоа бесплатен оброк за работниците, но дел од нив ја укинаа оваа принадлежност, па сега поголемиот дел од работниците си носат своја храна од дома или купуваат од сендвичарите кај фабриките, од кои повеќето индиректно се сопственост на газдите на конфекциите.
На дебатата во Штип некои од сопствениците на фабриките јавно предупредија дека планираат на одредено време да ги затворат конфекциите, затоа што сметаат дека давачките кон државата се зголемиле.
Претседателот на Здружението на текстилната индустрија при Стопанска комора на Македонија Ангел Димитров изјави дека текстилната индустрија во целост работи со сѐ поголеми трошоци, па целата гранка веќе се довела во ситуација едвај да преживува.
Од друга страна, според извештајот на Хелсиншкиот комитет за човекови права, оваа година биле иницирани 20 постапки за инспекциски надзор. Но, само во еден случај била утврдена неплатена работа на празничен ден. Во текот на оваа година, до Хелсиншки комитет се обратиле 1.500 текстилни работници од 15 градови.
Извештаите од управите за јавни приходи говорат дека конфекциите и останатите текстилни фабрики веќе подолго време прикажуваат солидни профити, но минимални добивки, дури на прагот на загуба. Затоа се случува некои фирми, како што утврдил Хелсиншки комитет, да дадат К-15 од само 100 денари по вработен.
Според последните податоци во Кластерот, во државата има над 700 текстилни компании (од кои 80 се во Штип), во кои се вработени околу 35.000 работници. Тие со својот труд обезбедуваат 15-20% од вкупниот девизен приход, а работниците со платите и севкупните примања се на најниското скалило. Како резултат на тоа, во последните неколку години, поради заминувањето во странство, текстилната индустрија бележи недостиг на работна сила, посебно на стручни кадри.
Т. ЈОВАНОВСКИ