По појавата на заразната болест шуга во велешката касарна „Алексо Демниевски-Бауман“ реагираше Независниот синдикат на професионални војници (НСПВП). Според нив, причината што таа се појавила биле лошите услови за живот и работа не само во велешката, туку и во сите касарни во државата.
Болеста е регистрирана кај двајца од 296-темина новопримени професионални војници.
„Професионалните војници имаат најлоши услови за работа, од нечиста постелнина неиспрана со години, до перници стари по 15-20 години. Исто така, и ќебињата и чаршафите со години не се обновени. Просториите каде што спијат војниците се најчесто со влага и со многу инсекти, храната се дава во нехигиенски услови со прибори стари над 20 години и нејзиниот квалитет е на најслабо ниво. Храната е еднолична и недоволна, санитарните јазли не се реновирани повеќе од 15-20 години. Професионалните војници многу често работат во услови кога нема струја во објектите. Ваквите состојби траат со години“, пишува во писмената реакција на НСПВП.
Тие потенцираат дека случајот во Велес е само еден од ретките кои добиле медиумска покриеност, иако слични инциденти се случувале и порано, но останувале затскриени од јавноста.
„Со зголемениот буџет согласно барањата на НАТО, приоритет треба да бидат условите за работа и човечкиот фактор, а не само набавки на оружје. Залудно е да се инвестира во опрема ако нема кој да ја користи. Се реновираат само просториите на офицерите, а не и објектите каде што живеат и престојуваат професионалните војници“, реагира Независниот синдикат на професионалните војници.
Вчера АРМ и Министерството за одбрана во заедничко соопштение информираа дека во велешката касарна се регистрирани два случаи на шуга кај новопримените професионални војници. Дел од нив биле преместени во касарната во Штип и сите 298 се дома овој викенд, со обврска да се вратат вечерва, освен двете заразени лица, кои одреден период ќе престојуваат дома. Биле преземени мерки согласно здравствените протоколи за спречување на евентуалното ширење на заболувањето. Во касарната бил направен епидемиолошки надзор од страна на Воено-медицинскиот центар и се бара потеклото на заразата.
Шугата се појави во велешката касарна и во ноември 2019. Се пренесува со долготраен телесен допир, преку постелнина, облека или душеци и опстојува на температура од 37 степени.
П. ПЕЧКОВ



