ШВАЈЦАРСКИ ЕКСПЕРТИ УТВРДИЛЕ ДЕКА НАКОЛНАТА НАСЕЛБА КАЈ ГРАДИШТЕ Е ПОСТАРА ЗА 2.400 ГОДИНИ, ВЕЛИ АРХЕОЛОГОТ КУЗМАН

    ШВАЈЦАРСКИ ЕКСПЕРТИ УТВРДИЛЕ ДЕКА НАКОЛНАТА НАСЕЛБА КАЈ ГРАДИШТЕ Е ПОСТАРА ЗА 2.400 ГОДИНИ, ВЕЛИ АРХЕОЛОГОТ КУЗМАНОстатоците од наколната населба во 1997 ги откри нуркачот Милутин Секулоски, а репликата беше направена по десетина години (Фото: Управа за заштита на културно наследство)

    Швајцарските експерти кои пред една година ја проучуваа наколната населба кај Градиште ни кажаа дека таа е постара 2.400 години од она што ние го претпоставуваме, вели археологот Паско Кузман, на чија иницијатива беше реконструирана оваа праисториска населба.

    „Кога ја откривме, обелоденивме дека таа потекнува од периодот од 1200 до 700 година пред нашата ера. Швајцарците ни рекоа дека потекнува од 3600 година пред нашата ера“, кажа Кузман.

    Тој додава дека на дното на езерото биле откриени над 6.000 стари колја.

    „Кога се подготвувавме да започнеме со изградбата на наколната населба, на езерското дно откривме голем број стари колја. По подолги истражувања ги откривме над 6.000. Сите ги обележавме со броеви. Мислам дека ако се оди подлабоко во езерото, можат да се најдат и други колја, така што нивниот број не е конечен”, вели Кузман.

    Остатоците од наколната населба во 1997 година прв ги откри нуркачот Милутин Секулоски.

    „Секулоски ми донесе фрагменти од керамика од просторот кај Градиште. Јас го видов материјалот и му предложив да продолжи со подводните истражувања. Набргу на тој дел беа пронајдени и остатоци од подводна праисториска населба. Тогаш се роди идејата за изградба на нејзината реплика”, се сеќава Паско Кузман.

    Нуркачкиот центар „Амфора” по повод 15 години од формирањето му предаде признание на Кузман.

    „Тој гест посебно ме израдува. На свеченоста видов и нова нуркачка опрема, која првпат ќе се употребува во 2020 година. Тоа е шанса за подетаљно истражување на дното на Охридското Езеро. Јас не нуркам од 2013 година, кога ми забранија лекарите”.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира