Скијачкиот центар Нижеполе на Пелистер од вечерва почнува со ноќно скијање. Од јавното претпријатие „Стрежево“, кое стопанисува со скијачкиот центар велат дека ски теренот е подготвен, во функција ќе бидат ставени два ски лифта, има детски парк, 48 клупи за одмор и други реквизити за скијање.
„Со тоа и официјално почнува скијачката сезона на во ски центарот Нижеполе. Снежната покривка на Пелистер е 50 сантиметри, и очекуваме добар старт на сезоната. Во центарот посетители имаше и во текот на денешниот ден, а патот до скијачкиот центар е исчистен и прооден“, велат од ЈП„Стрежево“.
Официјален старт на скијачката сезона од утре најави и скијачкиот центар Копанки со кој стопанисува ЕЛЕМ турс, од каде велат дека се обележани скијачките патеки, подготвени се скијачките терани, а во функција ќе бидат ставени и две жичарници со два ски лифта. Работното време на ски центарот е од 9 до 15.30 часот.
Сезонскиот билет е 4.000 денари, дневниот билет е 300 денари, а тридневниот 600 денари. Билет за едно возење со жичница чини 100 денари, а тридневен пакет аранжман од три полни пансиони во хотел „Молика“ и тридневен ски билет се по цена од 5.500 денари. Од ЕЛЕМ турс велат дека новина од оваа година е можноста за користење снеготапкач по цена од 6.500 денари од час.
Ски центарот пробно беше пуштен уште денес, а се очекува до крајот на денот ЈП„Македонија пат“ да го исчисти патот што води до ски центарот, за да може до него да се дојде и со автомобили, а не само со џипови.
Ж. ЗДРАВКОВСКА