Во наредните шест месеци ќе се врши уредување и збогатување на содржините на Смоларскиот Водопад и на излетничко рекреативното место Пирго кај Мокриево, заради привлекување повеќе посетители и потикнување на туризмот во Општина Ново Село. Станува збор за проект вреден 112.000 евра, кој го имплементира Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион со пари обезбедени од Бирото за регионален развој и од Општината.
Работите на терен ќе ги изведува локална фирма од Босилово која минатата година ги уредуваше Колешинскиот Водопад и Мокринските Извори за 63.000 евра.
Според потпишаниот договор, на Смоларскиот Водопад се планира санација на постојните патеки, санација на дрвените огради, изведба на нов пешачки мост, но и реконструкција на постоечката платформа пред водопадот со поставување стаклен под од 4 квадратни метри. Планирани се и нови клупи за одмор, излетнички маси, корпи за отпадоци како и патокази, инфо-табли и паркинг за велосипеди.
„Станува збор за дел од проектот ‘Југоисточниот Регион – можност за нови туристички авантури‘ кој беше изгласан на Регионалниот форум на заедницата, а со кој се планираат градежни активности и во Општините Василево и Богданци. Смоларскиот Водопад и локалитет Пирго каде се наоѓа доцноантичката тврдина од времето на Цар Самуил се доста посетени последниов период и неизбежно беше да се подобри сегашната инфраструктура, но и да се збогатат содржините на овие два локалитети“, вели Ѓоко Камчев, директор на Центарот за развој на Југоистокот.
На излетничко-рекреативен локалитет Пирго се планира изградба на патека до кулата која потекнува од доцниот антички период, изградба на одбојкарско игралишта на песок, детско игралиште со десетина реквизити, летниковци и проширување на капацитетот на постојниот амфитеатар и поставување нова урбана опрема.
В. ТРАЈКОВ